Со оглед на тоа како во регионот се судираат интересите на клучните и меѓусебно спротивставени водечки глобални сили, сѐ пореално е искрите да поттикнат пламен на регионална војна, која може да се прошири и глобално
Реакција на западните сојузници по инцидентот на Голанската Висорамнина
Продолжуваат интензивните дипломатски активности под водство на Вашингтон за да го одвратат Израел од можен напад врз либанската престолнина Бејрут и со тоа да се спречи избувнување војна што многу брзо може да го запали целиот регион на Блискиот Исток. Со оглед на тоа како во регионот се судираат интересите на клучните и меѓусебно спротивставени водечки глобални сили, сѐ пореално е искрите да поттикнат пламен на регионална војна, која може да се прошири и глобално, предупредуваат светските реномирани медиуми. Тензиите во регионот се зголемија по ракетниот напад од Либан врз Голанската Висорамнина, која е под контрола на Израел, во кој загинаа 12 деца на фудбалско игралиште. Израел и САД ја обвинија либанската милитантна група Хезболах за нападот, додека нејзиното водство го негира тоа.
Целта е да се поштеди Бејрут од евентуален израелски удар
Целта на т.н. блицкриг-дипломатија била спречување евентуален одмазднички удар на Израел врз Бејрут, каде што, наводно, се наоѓа водството на Хезболах, при што претставниците на Западот сметаат оти е клучно спречување на израелско целење на клучната либанска инфраструктура, како што се аеродромите и мостовите, пренесува британски „Ројтерс“.
Заменик-претседателот на либанскиот парламент, Елиас Бу Сааб, кој вели дека е во контакт со американскиот посредник Амос Хохштајн по нападот на Голан во саботата, изјави за „Ројтерс“ дека Израел ќе спречи ескалација ако ги поштеди либанскиот главен град и неговата околина.
Израелските власти велат дека сакаат да му нанесат штета на Хезболах, а не да го вовлечат целиот регион во војна од целосен обем. Според британската агенција, двајца блискоисточни и европски дипломати велат оти Израел сè уште не се обврзал да избегнува напади врз либанскиот главен град и неговите јужни предградија и цивилната инфраструктура. „Ројтерс“ објави и дека американскиот Стејт департмент бара трајно решение со кое би се ставил крај на прекуграничниот оган помеѓу Израел и Хезболах. Истовремено САД ја потврдија поддршката за Израел.
– Нашата поддршка за Израел против сите закани од Иран и Хезболах е цврста и непоколеблива – рече портпаролот на Стејт департментот, додека портпаролот на Белата куќа, Џон Кирби, додаде дека Израел има целосно право да одговори на нападот врз Голан, но дека никој не сака поширока војна.
Слично дипломатско сценарио како при размената помеѓу Израел и Иран
„Ројтерс“ дозна дека дипломатските напори се движат во насока на постигнување одреден калибриран одговор, сличен на априлската размена на оган со ракети и беспилотни летала помеѓу Израел и Иран, со претходно известување од Техеран и по израелскиот воздушен напад врз иранскиот генерален конзулат во Дамаск.
Ирански официјален претставник изјави дека САД реагирале до Техеран најмалку трипати по нападот на Голанската Висорамнина во саботата, за да предупредат дека ескалацијата на конфликтот е штетна за сите инволвирани страни.
Во обидите за деескалација се вклучи и француската дипломатија, имајќи предвид дека земјата има историски врски со Либан, кој беше под француска власт од 1920 година до стекнувањето независност во 1943 година. Околу 20.000 граѓани со двојно француско-либанско државјанство живеат во Либан.
Израел е одлучен, но и претпазлив
Во меѓувреме, израелската воената единица одговорна за заштита на цивилите не промени ниту една од инструкциите за граѓаните, што е показател дека војската не очекува нова непосредна закана од Хезболах или од која било друга група.
Во неделата, безбедносниот кабинет на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој се состои од 10 министри и ја диктира воената политика во Газа, ги овласти премиерот и министерот за одбрана да „одлучат за начинот и времето на одговорот“. Самиот премиер Нетанјаху итно се врати од службеното патување во САД во Израел.
Оваа одлука на безбедносниот кабинет, според „Ројтерс“, буди надежи дека Израел ќе одлучи за поинаков, посмирен одговор наместо сеопфатна војна како што побараа крајнодесничарските коалициски партнери на премиерот Нетанјаху, наведувајќи, меѓу другото, дека „цел Либан треба да плати“ по споменатиот напад на Голанската Висорамнина. Р.С.