Фото: ЕПА

Директорот на Меѓународната агенција за енергија, Фатих Бирол, предупреди дека актуелната криза на Блискиот Исток претставува исклучително сериозна закана за глобалната економија.

Говорејќи во Канбера, тој истакна дека ниту една земја нема да остане поштедена од последиците доколку ситуацијата продолжи да се влошува. Според него, ефектите врз нафтениот пазар веќе ги надминуваат кризите од 1973 и 1979 година, кои предизвикаа глобални економски потреси.

Бирол посочи дека моменталната загуба на нафта достигнува околу 11 милиони барели дневно, што е повеќе од двата историски нафтени шока заедно. Во однос на гасот, загубите се проценуваат на околу 140 милијарди кубни метри, што е значително повеќе од последиците предизвикани од војната во Украина.

Дополнително, тој информира дека десетици енергетски објекти во регионот се сериозно оштетени, што ја нарушува трговијата со клучни ресурси како петрохемикалии, ѓубрива и други индустриски суровини.

За ублажување на кризата, Меѓународната агенција за енергија веќе ослободила 400 милиони барели нафта од резервите – потег што Бирол го оцени како историски.

Тој нагласи дека клучно решение за стабилизација на пазарите е повторното отворање на Ормуската Теснина, додавајќи дека агенцијата останува во постојани консултации со владите ширум светот и ќе преземе дополнителни мерки доколку тоа биде неопходно.