Izbori Germanija
Фото: ЕПА

Според последните прелиминарни резултати од парламентарните избори во Германија, најмногу гласови освоиле демохристијаните на Фридрих Мерц (ЦДУ/ЦСУ), за кои гласале 28,5 отсто од избирачите, што им носи 197 места во Бундестагот, објави Билд.

На второ место по бројот на гласови е десничарската Алтернатива за Германија (АфД) на лидерката Алис Вајдел, која доби 20,5 отсто од гласовите и 141 место во германскиот Парламент, додека социјалдемократите на Олаф Шолц се на трето место со 16,5 отсто од освоените гласови, што им носи 114 пратенички места.

Според последните прелиминарни резултати, Зелените освоиле 11,9 отсто од гласовите, што им дава 83 места во германскиот Парламент, Левицата освоила 8,7 отсто од гласовите и 60 пратенички места, а партијата Разум и правда (BSW) на Сара Вагенкнет го надмина цензусот со 5,0 отсто од гласовите, што и носи 34 пратенички места во парламентот.

Слободната демократска партија (ФДП) е под прагот со 4,5 отсто освоени гласови, додека сите останати партии кои не го поминаа прагот имаат вкупно 4,4 отсто од гласовите.


Мицкоски и ја честита на ЦДУ изборната победа во Германија

Премиерот Христијан Мицкоски упати честитка за победата на ЦДУ на парламентарните избори во Германија.

– Честитки за значајната победа на ЦДУ на изборите. Овој успех е потврда за довербата што германските граѓани ја имаат во лидерството и во принципите на кои се темели ЦДУ – стабилност, развој и посветеност на вредностите на европската христијанска демократија. Заедно да соработуваме за доброто и просперитетот на нашите граѓани. Европа бара промени – наведува Мицкоски во честитката објаена на неговито фејсбук профил.

Според резултатите од вчерашните избори во Германија, конзервативниот блок ЦДУ/ЦСУ предводен од Фридрих Мерц освои 29 отсто од гласовите, пред екстремно-десничарската Алтернатива за Германија (АфД), која е на второ место, со околу 20 проценти доверба. Социјалдемократите (СПД) на канцеларот Олаф Шолц се трети со 16 отсто, а потоа Зелените со 13,5 отсто од гласовите.

Во Бундестагот влегуваат уште и Зелените и Левица, додека Слободната демократска партија (ФДП) и Партијата Разум и правда (БСВ) на Сара Вагенкнет се под изборниот праг.

Одѕивот на изборите е рекорден 84 отсто.


Светските лидери му честитаа на Мерц на победата, а честитки пристигнуваат и за АфД

Светските лидери му честитаа на лидерот на конзервативната опозициска демохристијанска партија ЦДУ/ЦСУ, Фридрих Мерц, за победата на предвремените парламентарни избори во Германија, додека некои и честитаа на екстремно десничарската Алтернатива за Германија (АфД), која се најде на второто место.

ЦДУ/ЦСУ, чиј кандидат за канцелар е Мерц, според првите нецелосни резултати е победник на изборите во Германија со околу 29 отсто од гласовите, пред АфД со околу 20 отсто и социјалдемократите на трето место со околу 16 отсто.

Американскиот претседател Доналд Трамп на социјалната мрежа Трут Сошл (Truth Social) напиша дека неделата е „одличен ден за Германија“.

„Исто како и во Соединетите Американски Држави, на Германците им е доста од политиките кои немаат никаква врска со здравиот разум, особено во однос на енергијата и имиграцијата“, напиша Трамп.

„Ова е одличен ден за Германија и за Соединетите Држави под водство на господинот Доналд Џ. Трамп. Честитки до сите – нека следат уште победи“, додаде тој.

Генералниот секретар на НАТО Марк Руте му честиташе на Мерц за неговата победа, велејќи дека со нетрпение очекува да работи со него.

„Со нетрпение очекуваме да работиме заедно во овој клучен момент за нашата заедничка безбедност. Од витално значење е Европа да ги зголеми трошоците за одбрана и вашето лидерство ќе биде клучно“, рече Руте.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху му честиташе на Мерц, велејќи дека се радува на „блиска соработка“ со неговата влада.

„Им честитам на Фридрих Мерц и на ЦДУ/ЦСУ за нивната чиста изборна победа денесла. Со нетрпение очекуваме да работиме тесно со вашата претстојна влада за дополнително зајакнување на партнерството меѓу нашите две земји“, рече Нетанјаху.

Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис во честитката до Мерц изјави дека ЦДУ/ЦСУ извојувала „чиста победа“, додека чешкиот премиер Петр Фијала на X-платформата напиша дека му посакува на Мерц „многу сила и успех во формирањето федерална влада“.

„Со нетрпение очекувам натамошно продлабочување на чешко-германската соработка и соработка за зајакнување на Европа“, рече тој.

Италијанскиот вицепремиер Матео Салвини и честиташе на АфД за изборните резултати. „И во Германија победуваат промените. АфД ги удвојува гласовите, и покрај нападите и лагите од левицата: престанете со илегалната имиграција и исламскиот фанатизам, доста со еко-лудило, приоритет на мирот и работните места, Европа мора радикално да се промени“, рече Салвини.

Лидерот на десничарската популистичка ФПО во Австрија, Херберт Кикл, и честиташе на АфД за добриот резултат. Моменталните проекции покажуваат дека АфД ќе го удвои својот удел на гласови од изборите во 2021 година на околу 20 проценти – нејзиниот најсилен резултат досега.

„Луѓето повеќе не сакаат да го поднесуваат патернализмот, илегалната масовна имиграција, исламистичкиот терор и безбедносниот хаос што резултира, климатскиот комунизам и уништувањето на просперитетот“, рече тој.