Уште во декември 2023 година, тогашниот британски „министер за одбрана во сенка“ Џон Хили во јавноста најави дека лабуристите ќе направат пресврт во одбранбената и безбедносната политика доколку победат на изборите во 2024 година, со цел да ја продлабочат воената соработка со ЕУ, особено со водечките земји на Унијата – Франција и Германија. Деновиве се направи прв чекор на нововоспоставени
безбедносни релации, со потпишувањето на првата декларација меѓу Лондон и Берлин
Нов европски одбранбен пакт, нови европски безбедносни релации
По импресивната изборна победа овој месец, централнолевичарската Лабуристичка партија на премиерот Кир Стармер и новата британска лабуристичка влада (за разлика од своите конзервативни претходници) е живо заинтересирана да развие поблиски одбранбени врски со европските сојузници. Во тој контекст британскиот секретар за одбрана Џон Хили потпиша специфична декларација со својот германски колега Борис Писториус во комплексот Бендлерблок на Министерството во Берлин, како дел од брзата 48-часовна турнеја низ Европа, која вклучуваше застанувања во Франција, Полска и Естонија. Двете страни потписнички се обврзаа дека ќе ги зголемат индустриската соработка и колаборативните операции како дел од договорот, но најавуваат дека допрва претстои уште многу.
– Овие посети испраќаат јасна порака дека европската безбедност ќе биде првиот надворешен и одбранбен приоритет на оваа влада – изјави британскиот секретар за одбрана Џон Хили.
Имено, по само три недели на функцијата, британскиот секретар за одбрана Џон Хили изјави дека со новата декларација „ќе започне длабок нов одбранбен однос“. Што всушност би требало да преставува тоа?
Значењето на договорот меѓу британското и германското министерство за одбрана
„Целите утврдени во заедничката декларација всушност вклучуваат зајакнување на одбранбената индустрија на Обединетото Кралство и Германија, зајакнување на евроатлантската безбедност, подобрување на ефикасноста на заедничките операции, справување со зголемените безбедносни предизвици како што е сајбер-доменот и поддршка на Украина“, е напишано во соопштението лиферувано од Министерството за одбрана на Британија, а се однесува на потпишаниот договор меѓу Британија и Германија.
Потпишувањето на заедничката декларација во Германија деновиве ќе го отвори патот за нов стратегиски договор за одбрана на Велика Британија и Германија, за кој разговараа германскиот канцелар Олаф Шолц и британскиот премиер Кир Стармер на неодамнешниот самит на НАТО. Новиот министер за одбрана, исто така, се состана со колегите во Франција и му се заблагодари на британскиот персонал што помогна да се обезбеди повисок степен на сигурност и безбедност на Олимписките игри во Париз.
Британскиот секретар за одбрана Џон Хили не ја криеше својата воодушевеност од новиот безбедносен пакт меѓу Велика Британија и Германија како прв чекор кон „длабоки нови одбранбени односи“, со тоа што најави дека договорите со Франција допрва треба да следуваат.
Деновиве британскиот секретар за одбрана Џон Хили требаше да отпатува за Естонија, за да се сретне со британските војници распоредени на „источната граница на НАТО“ и, како што пишуваат британските медиуми, „да им оддаде признание за улогата што ја играат британските сили во регионот“.
Воен пакт меѓу Британија, Германија и Франција поради стравувањето од победа на Доналд Трамп?!
Изгледите Доналд Трамп да победи на изборите во САД ја поттикна дебатата меѓу сојузниците во НАТО за тоа како да се обезбеди одржливоста на поддршката кон НАТО, како и да се обезбеди континуитет на помошта за Украина.
Имено, според релевантни анализи во британските медиуми, „двете европски држави Германија и Велика Британија се приклучуваат на одбранбениот сојуз бидејќи расте загриженоста од победа на Доналд Трамп на американските избори во ноември. Тие сметаат дека победата на Трамп може да има катастрофални ефекти врз европската безбедност.
Безбедносните аналитичари додаваат и дека „откако Трамп го избра Џ.Д. Венс како негов потпретседател, само расте загриженоста дека Вашингтон може драстично да ја намали помошта за Украина следната година“!
Во однос на воената помош и експлицитните трошоци за одбрана, Велика Британија и Германија се на првото и второто место меѓу европските држави во Украина, со обврски од 74,9 милијарди евра и 66,8 милијарди евра во 2023 година, според Стокхолмскиот меѓународен истражувачки институт за мир. Р.С.