Унгарија ќе продолжи да го блокира заемот од 90 милијарди евра за Украина и новите санкции кон Русија сè додека протокот на нафта преку нафтоводот „Дружба“ останува суспендиран, изјави денеска во Брисел министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто, пренесе „Ројтерс“.
Протокот на руска нафта преку нафтоводот „Дружба“ до Унгарија и Словачка е суспендиран од крајот на јануари. Киев вели дека руски напад ја погодил опремата на нафтоводот „Дружба“ во западна Украина, додека Словачка и Унгарија велат дека Украина е виновна за продолжениот прекин.
– Додека Украинците не ја обноват испораката, не може да се дискутира за гласање за заемот од 90 милијарди евра, ниту за друга финансиска помош за Украина или за 20-тиот пакет санкции против Русија. Земјите-членки на ЕУ можат да заборават на тоа – изјави Сијарто.
Тој посочи дека нафтоводот „Дружба“ е физички и технички подготвен за продолжување на транспортот, додавајќи дека прекинот на снабдувањето е „политичка одлука“.
Според Сијарто, украинскиот оператор на системот навел дека ситуацијата со нафтоводот може да се подобри во рок од еден месец, што би било една недела по изборите во Унгарија. Тој исто така тврди дека Киев одбил трилатерален состанок со него и словачкиот министер за енергетика.
Сијарто истакна дека Унгарија располага со резерви на нафта доволни за 86 дена.
Претходно, високата претставничка на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, изјави дека Унгарија треба да ги спроведе одлуките што веќе ги поддржала во декември минатата година и да не го блокира заемот од 90 милијарди евра за Украина.































