Фото: Пиксабеј

Европратеникот Том Вандендрисхе од редовите на белгиската екстремно десничарска партија Фламански интерес (ВБ) поднесе иницијатива до Европскиот парламент за усвојување на резолуција со која би се укинал Европскиот зелен договор.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, во иницијативата упатена по електронска пошта до сите европратеници, се посочува дека Европскиот зелен договор и стратегиите и регулативите што произлегуваат од него „негативно влијаат врз секојдневното функционирање и иднината на европскиот земјоделски сектор“.

Според Вандендрисхе, Зелениот договор, исто така, ја доведува во ризик европската индустрија и куповната моќ на домаќинствата, кои и онака се под закана од геополитичката ситуација на континентот.

– Целта е да се сигнализира дека наместо проширување на Зелениот договор со уште повеќе регулативи, како што е предложено, треба повторно да се преговара за да се укине рамката во формата во која што е сега – смета Вандендрисхе.

Тој во предложената резолуција упатува повик до Советот на ЕУ, Европската Комисијата и Европарламентот да започнат нови преговори за укинување на Зелениот договор.

Европскиот зелениот договор, кој е инициран во 2019 година, опфаќа пакет на законодавни регулативи и правила чија цел е сведување на емисиите на јаглерод во ЕУ на нулто ниво до 2050 година.

Претходно, на некои од неговите мерки забелешки имаше европскиот индустриски сектор, кој бараше намалување на „приливот“ на еколошки ограничувања, а противења на Договорот се изразуваат и за време на протестите на земјоделците ширум Европа, кои сметаат дека некои од регулативите поврзани со него ја попречуваат нивната работа.

Според најавите, до синоќа поддршка на иницијативата изразиле најмалку шест европратеници од редовите на францускиот Национален собир (РН) на Марин Ле Пен, која како и Фламанскиот интерес (ВБ) е членка на групацијата на екстремно десничарски, националистички, популистички и евроскептични партии Идентитет и демократија (ИД).

Координаторката на РН за еколошки прашања, европартеничката Матилд Андрует изјави дека ја потпишала предлог-резолуцијата, бидејќи целите утврдени во Зелениот договор се нереални.

– Под итно треба да се најде среќно решение меѓу барањата на радикалните екологисти и оние кои поддржуваат задржување на статусот кво – изјави Андрует.

Последните анкети на јавното мислење во пресрет на европските избори закажани за во јуни, укажуваат дека ИД ќе биде трета политичка сила во новиот состав на Европскиот парламент, потиснувајќи ги традиционално третите либерали, чија дури и четврта позиција би можела да биде загрозена од десничарската алијанса на Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР).