Белата куќа навидум се оградува од коментарите на Џо Бајден, откако американскиот претседател истакна оти САД нема да испорачаат ракетни системи со долг дострел во Украина, пренесува „Њузвик“.
– Во Украина нема да испратиме ракетни системи што можат да удрат во Русија – кажа Бајден денеска пред новинарите во Белата куќа.
Набргу потоа претставник на Белата куќа соопшти дека уште не е донесена одлука за испраќање на ракетните системи (МЛРС) во Украина. Во меѓувреме, заменик-претседателот на рускиот Совет за безбедност, Дмитриј Медведев, ја поздрави наводната одлука на Бајден како „рационална“.
– Се разгледува можноста за МЛРС, но предлозите за системите со долг дострел не се на маса – кажал претставникот на Белата куќа, според „Вашингтон пост“.
Се очекува администрацијата на Бајден во текот на неделава да ја објави одлуката за испраќање на ракенти системи во Украина, според американските медиуми. Портпаролот на Пентагон, Џон Кирби, неодамна посочи дека содржината на следниот пакет помош за Украина уште се утврдува.
– Секако ги земаме предвид украинските барања, приватни и јавни, за ракетните системи. Нема да ги преуранам одлуките, но можам да ве уверам дека сме во постојана комуникација со Украинците. Посветени сме да им помогнеме да успејат на бојното поле, особено во битката во која се наоѓаат – изјави Кирби во петокот.
Украинскиот претседател Владимир Зеленски веќе побара испорака на ракетни системи со долг дострел.