Фото: ЕПА

Литванија, Летонија и Естонија денеска почнаа да се исклучуваат од руската електро мрежа и да се приклучуваат на европскиот систем. Овој процес беше инициран пред неколку години, а стана итен по почетокот на руската инвазија на Украина.

Трите балтички земји, поранешни советски републики и членки на ЕУ и НАТО од 2004 година, се одвојуваат од руската мрежа, на која се приклучени уште од времето на Советскиот Сојуз, за ​​да ја спречат Москва да ја претвори во оружје против нив.

– Можам да потврдам дека процесот на исклучување започна во 6 часот – изјави Матас Нореика, портпарол на јавниот оператор на литванската национална електро мрежа Литгрид.

Литванскиот министер за енергетика Зигмантас Ваикунас рече дека ова ја лишува Русија од можноста да го користи електроенергетскиот систем како средство за геополитичка уцена.

Преку мрежата „X“, шефицата на европската надворешна политика Каја Калас, поранешна естонска премиерка, ја поздрави „победата за демократијата“.

Официјални прослави за одвојувањето од руската електро мрежа се планирани во три земји.

Летонија денеска физички ќе го пресече кабелот за струја што ја поврзува со Русија, а претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен треба да учествува на церемонијата со балтичките лидери во недела во Вилнус, Литванија.

– Ние сме подготвени – објави литванскиот премиер Гинтаутас Палукас на мрежата Икс, поздравувајќи го почетокот на новата ера на енергетска независност на трите земји.

Процесот траеше неколку години поради бројните технолошки и финансиски проблеми и потребата да се диверзифицира снабдувањето во меѓувреме, преку подморски кабли.

Промената стана итна по почетокот на руската инвазија на Украина во 2022 година, што ги зголеми стравувањата кај балтичките земји дека тие се следната цел на Москва.

Оттогаш, трите земји престанаа да купуваат руски гас и електрична енергија, но нивните електрични мрежи останаа поврзани со Русија и Белорусија, а регулацијата е контролирана од Москва.

Тие продолжија да зависат од Русија за стабилно снабдување со електрична енергија, особено за индустријата.

Откако балтичките земји ќе се исклучат од руската мрежа, тие ќе работат изолирано 24 часа за да ја тестираат фреквенцијата на нивните мрежи.

Потоа, 24 часа, балтичкиот електроенергетски систем ќе работи независно, а во недела ќе биде поврзан со континентално-европската и нордиската мрежа преку Финска, Шведска и Полска.

Властите предупредија дека може да има проблеми.

Одделот за безбедност на Литванија оцени дека може да има операции против критична инфраструктура, сајбер напади и кампањи за дезинформација.

Полскиот оператор ПСЕ најави испраќање хеликоптери и дронови за следење на врската со Литванија.

Летонскиот претседател Едгарс Ринкевичс изјави за јавната телевизија ЛТВ1 дека, иако трите земји се целосно подготвени, тој не може да ја исклучи можноста за провокации.

Во Естонија, полицијата и волонтерите ќе бидат стационирани на основната електрична инфраструктура до следниот викенд, поради ризик од саботажа.

Неколку подводни телекомуникациски и енергетски кабли беа оштетени во Балтичкото Море во последните месеци, а експерти и политичари ја обвинија Русија за водење хибридна војна, што таа го негираше.

Во проектот за синхронизација во овие три земји и Полска беа инвестирани вкупно 1,6 милијарди евра.

Литванскиот претседател Гитанас Наузеда уверуваше дека луѓето нема да почувствуваат никакви промени, ниту на нивните сметки, ниту на нивното снабдување.

Кога балтичките земји ќе бидат исклучени, енергетскиот систем на руската енклава Калининград ќе функционира во „островски режим“, без поврзување со руската континентална мрежа.

Запрашан за ова, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, минатата недела рече дека Русија ги презела сите неопходни мерки за да гарантира сигурно и непречено функционирање на нејзиниот обединет енергетски систем.