Иницијатива за изградба на одбранбен инфраструктурен систем на надворешната граница на Европската Унија со Русија и Белорусија
Според писменото обраќање на Полска и трите балтички држави, Литванија, Летонија и Естонија, кон Брисел, ЕУ би требало да воспостави заеднички финансирана копнена „одбранбена линија“ на источната граница на Европа. Оваа иницијатива се заснова на веќе познатите проекти за одбранбени инсталации и инфраструктура на границите со Русија и Белорусија, кои беа воведени во изминатите години од Полска, Естонија, Летонија и Литванија и беа наречени „Штит-Исток“ и „Балтичка одбранбена линија“.
Наместо дипломатија – подготовки за воен судир?!
Во заедничкото писмено обраќање кон Брисел од страна на гореспоменатите четири земји од ЕУ се вели дека „треба да се применат вонредни мерки бидејќи надворешната граница на ЕУ мора да се заштити и одбрани со воени и цивилни средства“.
– Изградбата на одбранбен инфраструктурен систем на надворешната граница на ЕУ со Русија и Белорусија ќе одговори на очајната и итна потреба да се обезбеди ЕУ од воени и хибридни закани – се наведува во писмото чии делови се објавени во „Еурактив“.
Во писмото не се прецизира за тоа што конкретно ќе подразбира бараната инфраструктура, но се наведува дека иницијативата „може да се надоврзе и на експертизата и иновациите на ЕУ во интегрираното гранично управување, заштитата на критичната инфраструктура, цивилната заштита, управувањето со кризи и воената мобилност“. Планирањето и извршувањето треба да се вршат во координација со НАТО и неговите воени барања, наведуваат четирите земји.
За потсетување, ова писмено обраќање следува по претходна иницијатива на Полска и Грција, кои пред извесно време повикаа на создавање систем за воздушна одбрана на ЕУ по примерот на израелската железна купола.
Две и пол милијарди евра за фортификациска линија на источната граница на ЕУ
Заедничкиот повик од Полска и Балтикот доаѓа во време кога Русија презема силна иницијатива и напредува кон запад на теренот во Украина, при што западните разузнавачки агенции сè повеќе предупредуваат на преземање територии и нивна контрола од страна на руските вооружени сили.
Иницијативата на четирите земји од ЕУ, писмено упатена до претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, и до претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, стигна на адресата на европските функционери токму вчера (27 јуни), пред самитот на ЕУ. Според познавачите на состојбите, се очекува лидерите на ЕУ да разговараат за финансирањето на идните одбранбени потреби на блокот. Сепак, тие нагласуваат дека плановите за одбранбени трошоци на блокот во моментов се соочуваат со неизвесност.
На прва топка, некои дипломати на ЕУ ги процениле трошоците за изградба на таква одбранбена инфраструктурна линија по должината 700-километарската граница на ЕУ со Русија и Белорусија на околу 2,5 милијарди евра. (Р.С.)