Фото: Пиксабеј

Романија доживеа пораст на случаите поврзани со детска порнографија во април, со жртви на возраст од седум години, а по неа следи Хрватска. Инцидентите ги потресоа двете земји и покренаа прашања за тоа како да се спречат ваквите злосторства. Случаите вклучуваат производство и продажба на детска порнографија, подведување и трговија со малолетни девојчиња и употреба на платформи за социјални медиуми како Фејсбук и Инстаграм за регрутирање малолетни девојчиња, пишува „Балкан инсајт“.

На Балканот беа пријавени и неколку инциденти поврзани со говор на омраза и дискриминација, кои фрлаат посебно светло на актуелните предизвици поврзани со социјалните тензии и нетолеранција во регионот. Инцидентите вклучуваа навредливи изјави за мигрантите во Македонија, расистички коментари од провладин публицист во Унгарија, понижувачки изјави за жителите на Сараево во Босна и Херцеговина, онлајн-закани и навреди кон економист во Албанија и приведување на Црногорец заради ширење национална и верска омраза на Фејсбук, наведува „Балкан инсајт“.

Kомпјутерскиот криминал на Балканот е во постојан пораст, а поттикнат е од кампањите за кражба на идентитети, хакерските групи и лажните мејлови, насочени директно кон граѓаните и институциите. Примерите вклучуваат обиди за кражба на идентитет на директори и менаџери на компании во Босна, лажни мејлови, испратени наводно од директорот на Бирото за јавна безбедност во Македонија, како и протекување доверливи информации од албанските власти, за кои се верува дека биле пробиени од ирански хакери.

Романија и Хрватска ги потресуваат скандали со детско порно

Во април, Романија забележа пораст на случаите на детска порнографија, со жртви на возраст од седум години и постари. И во Хрватска беа забележани слични случаи. Еден од најгрозоморните случаи во Романија, обелоденет на 4 април, се однесува на семејство во Которка, село во близина на Букурешт, кое произведувало и продавало видеа со детска порнографија. Жртвите биле малолетно момче и девојче, кои биле принудувани да имаат секс со возрасни и притоа биле снимани. Видеата се продаваа од 50 до 100 евра. Еден осомничен беше уапсен, но другите осомничени останаа во Которка, оставајќи многумина да се прашуваат дали правдата е задоволена. Вториот случај, разоткриен на 7 април, се однесуваше на трговија со луѓе и присилно проституирање на две малолетни девојчиња во Мехединти, област што граничи со Србија и Бугарија. Девојчињата биле физички и психички малтретирани, принудени на проституција и продавани на мажи во Дробета-Турну Северин, град што се наоѓа 350 километри западно од Букурешт. Осомничените, тројца млади мажи на возраст од 16 до 23 години, користеле социјални мрежи и веб-страници за придружба за да ги регрутираат своите жртви.

Покрај овие случаи, од 12 до 27 април во Романија беа извршени неколку апсења на поединци кои користеле платформи на социјалните медиуми како Фејсбук и Инстаграм за да регрутираат малолетни девојчиња и да произведуваат и продаваат детска порнографија. На осомничените им биле пронајдени илјадници порнографски датотеки во кои биле вклучени деца. Во Хрватска, пак, помеѓу 30 март и 4 април, двајца мажи беа уапсени за вмешаност во детска порнографија, од кои еден е обвинет за пристап и дистрибуција на најмалку 71 слика и 15 видеа. Другиот е осомничен дека симнал и складирал над 16.000 фотографии и 270 видеа.

Говорот на омраза и дискриминацијата на Балканот ја нагласуваат тековната нетолеранција

Во текот на април беа пријавени голем број случаи на говор на омраза и дискриминација. Еден од нив се случи во Македонија на 1 април, кога корисник на Твитер објави порака со говор на омраза против мигрантите од Пакистан и Бангладеш, кои властите во Скопје ги нудат како решение за недостигот на работна сила во државата. Твитот кој содржеше провокативни и неосновани обвинувања, предизвика масовна осуда пред да биде избришан од страна на креаторот.

На 2 април, медиумите во Унгарија објавија приказна, во која се тврди дека мигранти киднапирале бебе од мајка во Србија. Приказната за прв пат се појави во српските медиуми во 2017 година, но не беше потврдена со докази. Овојпат истата приказна беше надополнета со расистички коментари од провладин публицист во Унгарија.

На 5 април албанската економистка Дена Топи пријавила дека добивала закани и навреди на интернет откако споделила видеа на кои таа и нејзината ќерка носат ускладена облека. Критичарите ја обвинија Топи дека бара внимание и ги крши социјалните норми, истакнувајќи ги на тој начин предизвиците со кои се соочуваат албанските жени и мајки во јавната сфера, пишува „Балкан инсајт“.

Кражба на идентитет, хакерски напади врз граѓани и институции

Во последниот месец, ширум Балканот се појавија неколку случаи на компјутерски криминал и онлајн-насилства, кои сериозно ја истакнаа потребата од зголемена претпазливост и мерки за безбедност. Овде ќе го истакнеме само случајот од Македонија, кога на 6 април, голем број граѓани добија лажни мејлови, наводно, од директорот на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски, во врска со тековна истрага во соработка со Европол. Во мејловите пишувало дека примателите биле предмет на правна постапка заради фиктивни кривични дела и им биле барани лични податоци. Министерството за внатрешни работи на земјата подоцна потврди дека мејловите биле лажни.

Подготви: Валбурга Батева Николоска