Меѓународниот повик за доделување концесија за истражување и експлоатација на нафта и на гас во Федерацијата Босна и Херцеговина ќе биде објавен за две недели, објави Нермин Џиндиќ, министер за енергетика, рударство и индустрија на ФБиХ, откако федералната влада ја донесе одлуката за почнување на овој проект.
– Заинтересираните компании ќе имаат рок од шест месеци за пријавување на јавниот повик. Потоа стручна комисија, од претставници на Владата и на двата парламента на ФБиХ, ќе ги анализираат понудите и ќе формираат финална компанија што ќе ги врши истражувањата – објасни Џиндиќ.
Ова е најважен проект во повоена БиХ, а претходно во поранешна Југославија биле правени некои истражувања, но никогаш не дошло до експлоатација на нафта. Истражувањата ќе се вршат во четири блока, на Динаридите, во тузланскиот базен и на два помали региона во Посавина.
На претставувањето на овој проект во Лондон имало 22 заинтересирани компании, кои поставија дополнителни прашања, врз основа на кој е направен и текстот на јавниот повик.