Со последната посета на рускиот министер за надворешни работи на Белград се отворија нови процеси во досегашните пријателски односи меѓу Русија и Србија
Веста што Москва ја испрати до Белград, преку рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, му го наруши доброто расположение на српскиот претседател Александар Вучиќ, пред почетокот на изборниот молк за парламентарните избори в недела, на кој очекува да освои апсолутна победа. Лидерот на владејачката Српска напредна партија на заедничката завчерашна прес-конференција со Лавров, не го криеше „разочарувањето“ од пораката испратена од Кремљ. Делови од содржината на разговорите на двајцата политичари во Белград, вчера објави српска „Правда“. А пораката е јасна: Русија не ја прифаќа идејата за поделба на Косово и Метохија и подготвена е да го спречи тоа во Советот на безбедност. Доколку Вучиќ остане на ветувањето дадено на Ричард Гренел, Москва смета дека е логично да поднесе оставка и да распише предвремени претседателски избори за да провери колку има поддршка од српскиот народ за своето решение за косовскиот проблем.
Понудениот руски план за Косово, според изворите на „Правда“, се содржани во три точки: нема трговија со Косово за ЕУ-интеграции, нема столче во ОН и нема поделба на Косово. Негативниот одговор беше веднаш соопштен од Вучиќ, а притоа изјави и дека не го разбира ставот на „руските пријатели“.
Деновиве во српските медиуми можеа да се прочитаат и размислувањата на некои политички аналитичари за мотивите на Москва за „дистанцирањето“ од актуелниот претседател на Србија. Новиот бран во односите меѓу Москва и Белград се должи на сѐ поголемото приближување на Србија кон Кина, која е значаен инвестициски партнер. Блискоста со властите од Пекинг беше манифестирана за време на првиот удар на епидемијата на коронавирусот.
За сметка на сѐ поголемото кинеско присуство во српската економија, учеството на руските компании е незначително. Како дополнителен аргумент се и геополитичките интереси на Русија на балканскиот простор, а со евентуалното решение на спорот за Косово, ќе опадне и влијанието на Москва, како и потребата на Белград да биде „зависно“ од меѓународната политичка позиција на Русите, со што би се отворил патот на Србија кон зачленување кон Европската Унија.
Американската новинска агенција АП пишува дека рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров го повторил ставот дека е потребно Москва да го одобри кое било решение постигнато со преговорите меѓу Косово и Србија. Исто така, се пренесува ставот дека Европската Унија има мандат да преговара за косовското прашање, со што се спротивстави на состанокот што е закажан од Вашингтон кон крајот на месецот.
– Сѐ повеќе е јасно дека ЕУ И САД не се координирани во напорите за постигнување договор меѓу Србија и Косово – пишува АП.
Претседателот на Демократскиот сојуз на Косово Иса Мустафа изрази оптимизам дека процесот на дијалогот со Србија би можел да биде завршен наесен, пред ноемвриските претседателски избори во САД.
– Мирослав Лајчак со кого разговаравме неделава е уверен дека оваа работа треба да се заврши до крајот на годината. Сметам дека тоа може да се постигне – изјави Мустафа за КТВ.
Според негово мислење, важно е договорот со Србија да се постигне пред изборите за нов претседател на Косово и пред одржувањето на локалните избори.
Со големи очекувања од средбата на претставниците на Србија и Косово во Вашингтон е и членот на американскиот Совет за надворешни работи и професор на универзитетот „Џорџтаун“ Чарлс Капчан.
– Би било чудно да се организира толку значаен состанок, како што е средбата на делегациите на Белград и Приштина, на 27 јуни, а дома да се вратат без каков било договор – вели Капчан за Радио Слободна Европа.
За средбата во Вашингтон се огласи и американскиот посредник во дијалогот за Косово Ричард Гренел, што ја смета за прва фаза од дијалогот за нормализација на економските односи меѓу Белград и Приштина. Потоа следува политичката фаза, која треба да ја води Европа.