БиХ е една од најзагадените земји на светот и спаѓа во трите земји со најголема стапка на морталитет поврзан со загадувањето на воздухот
Инспектор од Шведска би требало да дојде во Босна и Херцеговина, каде што ќе престојува една година за да ги обучува домашните инспектори за надзор на индустриските и другите субјекти за да ги почитуваат прописите за квалитетот на воздухот. Податоците на Светската здравствена организација укажуваат дека БиХ е една од најзагадените земји на светот и спаѓа во трите земји со најголема стапка на морталитет поврзан со загадувањето на воздухот.
Владата на Република Српска неодамна ја прифати информацијата за проектот „Помош за БиХ за подобрување на квалитетот на воздухот во управувањето на квалитетот на воздухот“, во кој е наведено дека институциите се надлежни за следење на квалитетот на воздухот, кои се недоволно опремени за ефикасно следење и решавање на овој комплексен проблем, пишуваат медиумите во БиХ.
– Шведската агенција за заштита на животната средина (СЕПА), во дијалог со претставниците на Амбасадата на Шведска и Шведската агенција за развој и соработка (СИДА) во БиХ, почна активност да се испитаат можностите за развој на програмата, која би помогнала во решавање на некои од главните предизвици со кои БиХ се соочува во областа на загадување на воздухот. Поради тоа е изработен проект со што би им се понудила помош на институциите на БиХ во областа за намалување на загадениот воздух – информираа неодамна од Владата на РС.
Помошта за институциите во БиХ би се постигнала со обезбедување капацитети за мерење, следење и управување за квалитетот на воздухот, поддршка на еколошката инспекција, изработка на студија за изворите за загадување и слично.
Душанка Макивиќ, началничка на Одделението за односи со јавноста во Инспекторатот на РС, вели дека во Република Српска моментално работат пет републички еколошки инспектори и 26 еколошки инспектори на локално ниво, односно на територијата на градовите и општините.
Со сегашниот закон за заштита на воздухот е пропишано дека единиците на локалната самоуправа на својата територија треба да воспостави локална мрежа на мерни станици, односно мерни места за следење на квалитетот на воздухот.
Тузла е еден од европските градови со највисока концентрација на токсични материи во воздухот.
– Ако го следиме Тузланскиот кантон, знаеме дека во последните десет години имаме зголемена концентрација за штетни материи во воздухот, и тие ги надминуваат граничните вредности. Повеќе не може да се чека. Еднаш мора да се почне со анализа на состојбата, планирање конкретни мерки, нивна имплементација и следење на резултатите – вели Џемила Агиќ, директорка на Центарот за екологија и енергија во Тузла, во изјава за „Независни“.
Со овој проект во целост ќе управува Шведската агенција за заштита на животната средина, која за спроведување на мерките ќе се потпира на шведските партнери. Проектот ќе се финансира со средства од донации, а се предвидува да трае до 2022 година. Со него се предвидува и изработка на студии за изворите на загадување на воздухот во шест града, по три во РС и во Федерацијата на БиХ. Во план е и разгледување на опцијата за проширување на зоните без сообраќај во големите градови.