Министерот за трговија и индустрија на Косово Ендрит Шаља вели дека претседателот Хашим Тачи не може да дава ветувања за укинување на таксата од 100 отсто на увозот од Србија и Босна и Херцеговина, затоа што одлуката за воведување на таксата ја донесе Владата на Косово, а не претседателот, јави дописникот на МИА од Приштина.
Косовските медиуми ја пренесоа изјавата на Тачи за „Вашингтон Пост“ дека таксата кон Србија и БиХ може да се укине „доколку на Косово му се отвори јасен пат кон постигнувањето конечен мировен договор со Србија“.
Министерот Шаља порача дека таксата ќе остане во сила се додека не се отстранат причините поради кои Владата се реши на еден таков чекор.
– Додека постојат причините кои нас како Влада на Република Косово не натераа да ја воведеме таа такса, значи причините кои јас ги образложив ког го изнесов предлогот за таксата, таа никогаш нема да се укине, изјави Шаља за порталот „Калѕо“ (kallxo.com).
Тој му порача на Тачи доколку има некое такво барање истото да го достави до Владата, која ќе го разгледа и ќе донесе одлука.
– Не знам што се занимава претседателот со таа работа. Тоа се работи на делегацијата на Владата на Република Косово за преговори со Србија. Кога тие ќе ни достават барање во кое се вели дека таксата треба да се укине затоа што „сме успеале да го реализираме тоа и тоа“, а што се однесува на причните поради кои ја воведовме таксата, тогаш јас како министер за трговија можам да предложам таа да се укине, порача Шаља.