Освен редовната плата и хонорари, кои се дефинирани со правилникот за работа на лекарите, и личното задоволство за тоа што тие им помагаат на пациентите, другите облици за стекнување материјална корист се во спротивност со етичкиот кодекс, стои во најновиот текст на кодексот за медицинската етика и деонтологијата, кој го изработи Лекарската комора на Црна Гора.
Со новиот кодекс на однесување на медицинските лица се уредуваат односите меѓу членовите на комората кон пациентите, како и меѓусебните односи.
– Се забранува злоупотреба на професијата и положбата од страна на лекарите. Лекарите не смеат да го користат лекарскиот позив или положба за да стекне за себе или за друг незаконски стекната материјална добивка или друга бенефиција. Лекарот е должен да ги почитува правото, слободата, автономијата и човечкото достоинство на секој пациент. Во лекувањето на пациентите, лекарите постапуваат економично и рационално, избегнувајќи ги непотребните прегледи и постапки, без разлика кој ги сноси трошоците на лекувањето на пациентот – се наведува во текстот на етичкиот кодекс за медицинските лица.
Во кодексот посебно се нагласува должноста на лекарите за целосно да се залагаат за здрава околина на децата и да посветуваат посебна грижа при лекувањето на децата со посебни потреби. Лекарот не смее да искажува навреди, клевети кон друг лекар во присуство на пациенти, пред трети лица или преку медиумите и социјалните мрежи.