Црногорската академија на науките и уметностите (ЦАНУ) предложи проект за изработка на речник на црногорскиот народен и книжевен јазик. Првиот том на речникот, кој пред две години беше објавен на 500 страници, е повлечен од листата на проектите на ЦАНУ, иако требаше да биде круна на десетгодишнината од обновувањето на црногорската државна независност, пишува „Новости“.
Во првиот том има повеќе од 20.000 лексикографски единици, заклучно со буквата Д. Вториот том, според најавите, требаше да содржи 90.000 збора.
Собранието на Црна Гора во јули 2016 година ја усвои резолуцијата за речникот, а потоа неочекувано беше прекината неговата натамошна дистрибуција. На ова претходеше бурна реакција на политичките претставници на Албанците и на Бошњаците во Црна Гора, кои бараа повлекување на речникот и извинување од ЦАНУ.
Според нивните образложенија, тоа е побарано затоа што одделни изрази не се научно втемелени и ги дискриминираат и ги навредуваат малцинските народи. За албанските политичари се спорни образложенијата за изразите: „Албанец“, „албанизација“ и „албанизирање“, со појаснување дека тие се третираат како нешто „туѓо“ и како да се неавтономни. Лидерот на Албанската алтернатива, Ник Џељошај, во знак на протест ги отстранил неколкуте страници на речникот во холот на државниот парламент, а за тоа не понесе одговорност, пишува „Новости“.
За претставниците на Бошњаците, дискриминаторски и навредливи се дефиницијата за зборот „Агарјанин“ и дефиницијата „абдеста“, етноним за Бошњак како припадник на бошњачкиот народ, односно за муслиман што живее во Босна, без да се спомене и Црна Гора.
Професорката Јелица Стојановиќ, од Одделот за српски јазик и јужнословенска книжевност на Филозофскиот факултет во Никшиќ, смета дека сето она што се прави сега е „кражба на она што србистиката досега го направила на научна основа, а сега од ЦАНУ се спроведува под името ’црногорски‘“.