Русија се подготвува да го пречека грчкиот премиер Алексис Ципрас на 7 декември. Оваа информација ја потврди и портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков.

Претходно грчката новинска агенција АМНА, повикувајќи се на грчката влада, јави дека Ципрас планира да ја посети Москва. Грчкиот премиер во септември изјави дека Атина и Москва работат на обновување на билатералните односи и соопшти дека планира да ја посети Русија до крајот на годинава.


Бомба во тенџере пред домот на јавен обвинител

 
Непознати лица вчераутро поставиле бомба пред домот на грчки јавен обвинител, а експлозивниот механизам најверојатно поради грешка на сторителите не експлодирал, јави дописничката на МИА од Атина.
Преку анонимен телефонски повик во информативниот портал „Зугла“ и весникот „Ефимерида тон синдактон“, непознато лица информирало за точната адреса каде што била поставена бомбата и рекло дека за 20 минути ќе експлодира.
Полицијата веднаш пристигнала на конкретната адреса и ја пронашла бомбата. Експлозивниот механизам бил ставен во тенџере, поставен во багажник на мотор паркиран пред домот на обвинителот.

Засега ниту една од грчките анархистичко-терористички организации не презеде одговорност за поставената бомба.