Грчкиот Генерален секретаријат за цивилна заштита се укинува и ќе биде заменет со Националната служба за управување со вонредни состојби што ќе биде независна јавна служба која хиерархиски ќе биде под Министерството за внатрешни работи, изјави грчкиот премиер Алексис Ципрас, презентирајќи го новиот модел на цивилна заштита, по катастрофалните пожари во областа Атика што одзедоа над 90 човечки животи.
Шеф на оваа служба, како што рече Ципрас, ќе биде личност со докажано искуство, оперативната способност и научна компетентност, додека пак финансиските средства за службата во висина од 500 милиони евра се од Европскиот фонд за инвестиции, од Европскиот фонд за развој и од Националната програма за јавни инвестиции.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, грчкиот премиер од Министерството за цивилна заштита, за време на презентацијата на новиот модел, посочи дека со помош на грчки и странски професори, ќе се формира комисија која ќе ги истражи причините за катастрофалните пожари, но ќе изработи и истражување, за во иднина да се спречи нова ваква трагедија.
Ципрас, говореше и за, како што рече, неописливата трагедијата која одзеде човечки животи „оставајќи им длабока рана на семејствата што изгубија блиски, длабока рана за земјата, но и за пожарникарите, полицајците, волонтерите и за сите оние кои во првите редови се бореа“.
– Многу добро знам дека во секој од вас, кој таа вечер се бореше со пожарот за спас на нашите сограѓани, како што и во секој од нас, и во мене лично, но многу повеќе во вас, постои мачното прашање: Дали можеби можевме да направиме нешто повеќе, но не го направивме? , рече грчкиот премиер и додаде дека должност е да се истражат причините за трагедијата.
Ципрас во обраќањето од Министерството за цивилна заштита наведе дека треба да им се каже едно големо „не“ на сите оние кои што сакаат вината да ја префрлат на оние кои се бореа со огнените јазици и „ја живееа трагедијата на луѓето и нивната болка“, а го спомена и пожарникарот кој додека беше на должност и се бореше со огнените јазици, ги загуби неговата сопруга и шестмесечното бебе.