Министерот за одбрана на Грција на 29 октомври, а грчкиот премиер на 7 декември ќе остварат официјални посети на Русија, јави дописничката на МИА од Атина.
Кусо по посетата на САД, министерот за одбрана на Грција и коалиционен партнер во владата, заминува во посета на Москва. Информацијата ја објави грчкиот портал militaire.gr, а ја потврди самиот Каменос на неговиот официјален Твитер профил споделувајќи ја информацијата.
– Во Русија, Панос Каменос има многу работи да разговара, покрај обидот да ја намали тензијата што постоеше во грчко-руските односи, во пресрет на посетата на Ципрас. Постојат прашања поврзани со одржување н руските оружја што ги имаме во нашиот арсенал – пишува грчкиот портал.
Нешто повеќе од еден месец по посетата на Каменос, на 7 декември, според информациите на дописничката на МИА од Атина, за Москва заминува и грчкиот премиер на средба со рускиот претседател Владимир Путин. Во грчката делегација, заедно со Алексис Ципрас, според истите информации, ќе биде и шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас.