Грција

Поранешниот премиер на Грција, Алексис Ципрас, рече дека неговата земја се наоѓа пред геополитичка закана од Турција.
– А кога имаме закана од геополитички карактер, ние политичките сили мора да имаме минимална рамка за разбирање, ако не и едногласност. Не постои сомнеж, од моментот кога постои овој масовен обид за мигрантски прилив во земјата, секоја влада ќе го стореше тоа што го направи денешната, вели лидерот на СИРИЗА и поранешен премиер на Грција, Алексис Ципрас, за затворањето на грчко-турската граница.

Во текот на вчерашниот ден продолжи тензичната состојба на границата меѓу Грција и Турција. Повеќе стотини бегалци и мигранти, собрани на турската страна од веќе затворената граница со Грција, со разни предмети ја нападнале грчката полиција во обид нелегално да влезат во земјата. Инцидентите почнале вчераутро, околу девет часот, но грчката полиција на солзавецот што бил фрлен од турска страна одговорила исто така со солзавец.

Грција прогласи состојба на највисока готовност во заштитата на границите од приливот на илјадниците емигранти кон нејзината територија и објави дека се суспендираат барањата за азил за оние што ќе влезат нелегално.
Германската канцеларка Ангела Меркел оценува дека турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и неговата влада го изразуваат своето незадоволство не спрема Европска Унија, туку преку грбот на бегалците, нагласувајќи дека Унијата досега целосно го испочитувала договорот од 2016 година.