Хрватските болници ќе имаат голем проблем затоа што веледрогериите ќе ја стопираат испораката на лекови и потрошен материјал од понеделник поради долгот, кој моментно е 4,2 милијарди куни, пренесува „Јутарњи.хр“.
Од таа сума, дури 3,6 милијарди се доспеани за плаќање, а бидејќи немаше реакција на минатомесечното предупредување за неодржливоста на таквата состојба, Здружението на веледрогерии на Хрватскиот сојуз на работодавци реши утре наутро да испрати известување до болниците дека од понеделник нема да има достава на лекови и медицински материјал сè додека проблемот барем делумно не се реши.
Веледрогериите посочуваат дека повеќе немаат поддршка од банки за кредитирање, а производителите не сакаат да испорачуваат лекови без плаќање, пренесува „Јутарњи“.
– За првпат во 98 години работење на „Медика“ сме принудени да ја прекинеме испораката. Не добивме никаков одговор на сите наши писма до министрите и до премиерот, а нашите магацини се празни – рече директорот на „Медика“, Јасминко Херцег.
Ова може да предизвика многу проблеми, имајќи предвид дека во Хрватска започна пикот на вториот бран на коронавирусот.