По 37 дена штрајк и повеќедневни маратонски разговори меѓу хрватската влада и синдикатите за образование, денеска беше постигнат договор, а се очекува училиштата да почнат со работа утре.

После вчерашните шестчасовни преговори, денешната средба на премиерот, Андреј Пленковиќ, со синдикатите траеше само еден час, а потоа беше постигнат компромис.

Пленковиќ по разговорите со претставниците на синдикатите за образование рече дека е постигнат договор што ќе овозможи штрајкот да биде прекинат утре наутро и дека ќе почне нормалното предавање низ цела Хрватска.

Тој рече дека е постигнат квалитетен компромис во интерес на децата, учениците, родителите, наставниците и нормалното функционирање на образовниот систем.

Од 1 декември коефициентот на просветните работници се зголемува за три отсто. Второто зголемување од еден отсто ќе биде на 3 јуни. Уште два отсто ќе бидат додадени на платите од 1 јануари 2021 година.
 
За ненаставниот персонал ќе бидат потпишани анекси кон гранковиот колективен договор, со важност до декември 2022 година. Преку уредби за коефицитите ќе се реши прашањето за секретарите, сметоводителите, како и директорите.