Србија

Гувернерката на Народната банка на Србија, Јоргованка Табаковиќ, најавите од Загреб ги смета за неоснован обид да извлече некаква финансиска корист во процесот на сукцесија од поранешна СФРЈ

Србија ќе возврати со реципрочно барање доколку Хрватска се одлучи да поведе постапка за враќање на депозитите и старата девизна заштеда од поранешна Југобанка и други банки од поранешна Југославија. Гувернерката на Народната банка на Србија, Јоргованка Табаковиќ, најавите од Загреб ги смета за неоснован обид да извлече некаква финансиска корист во процесот на сукцесија и поделба на имотот на некогашната заедничка југословенска држава. Хрватска, по оваа основа, од Србија побарува околу една милијарда евра со камати, пренесуваат медиумите.
– Некои луѓе, па и во меѓународните односи кога се дели имотот на поранешната заедничка држава, се однесуваат по принципот ако помине. Ние ќе одговориме соодветно – изјави Табаковиќ.

Гувернерката на НБС верува дека во процесот на сукцесија на поранешна СФРЈ и другата страна ќе ги исполни своите обврски и сето тоа што досега е направено не им дава право однапред да им се исполнува секое барање.
– Кога станува збор за враќање на имотот на нашите претпријатија во Хрватска, треба да се има предвид она основното, а тоа е враќање на нашите граѓани таму. Елементарно почитување е кога сите ќе се однесуваме според принципот на реципроцитет – порача Табаковиќ.

Што се однесува за препораките на Меѓународниот монетарен фонд за да се дозволи флуктуирачки курс на динарот, Табаковиќ вели дека Србија би ги послушала сите препораки на меѓународните финансиски организации, доколку за тоа постојат оправдани причини.

– Зошто би очекувале поголема стабилност во девизниот курс на динарот ако се дозволи поголема флексибилност на курсот. Од моментот кога Албанија по советот на ММФ пристапи кон поголема флексибилност на курсот оваа земја се соочува со сѐ поголема евроизација – напомена Табаковиќ.
Гувернерката ги изнесе бројките за задоволителното ниво на заштеди во динари, кои достигнаа 70 милијарди, што е најголем доказ за довербата на граѓаните во стабилноста на националната валута. Поради успешната политика на НБС се очекува уште поголем раст на динарската заштеда.