Една општина во Хрватска почна со примената на предлогот на неработна недела за продавниците и пекарниците, а главниот мотив е заштита на традиционалните семејни вредности
Иницијативата на градоначалникот на општината Иванково за трговските фирми да не работат во недела даде резултат. Од септември во оваа општина во близината на Винковци не работеа ниту една продавница и пекарница.
Градоначалникот Марко Миличевиќ пред еден месец, предлагајќи ја оваа идеја, изјави дека нема причина вработените во продавниците и пекарниците да работат во недела и овој ден им е потребен за да поминат со своето семејство. Сите потребни продукти граѓаните на оваа општина можат да ги купат ден порано. Со ова и сопствениците на дуќаните ќе имаат помалку трошоци за одржување на продавниците во текот на неработниот ден, појасни градоначалникот.
Сѐ повеќе европски земји воведуваат неработна недела. Тоа досега го сториле Германија, Австрија, Швајцарија и други земји. Во Полска има ограничување на работното време на трговските центри во недела, а ова им е дозволено само на малите трговци. За слични ограничувања се размислува и во италијанската влада, пишува „Вечерњи лист“.
– На овој начин ќе ја заштитиме традицијата на семејното собирање во неделите – истакнал заменик-премиерот Луиџи ди Маио.
Тој предупреди дека либерализацијата на купувањето во трговските центри од 2012 година го уништува италијанското семејство.
Градоначалникот на Иванково овој предлог ќе го достави и до премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ, и очекува тој да биде прифатен и од другите општини и големи трговски фирми. Една од причините за прифаќањето неработна недела е и недостигот од работници, како на пример месари и возачи, и овие позиции се пополнуваат со неквалификуван кадар. Големите трговски компании се жалат дека на нивните огласи, во кои се бараат и по 30 работници, се јавуваат само четворица, за на крајот да не дојде никој на разговор за прием.
Како поповолна опција за Хрватска се предлага да се примени шпанскиот модел, а тоа е трговските фирми во недела да работат 12 недели во летната сезона и две недели во зима. Европратеничката Маријана Петир спроведе истражување во кое 90 отсто од хрватските граѓани се изјасниле за неработна недела. Како аргумент се наведуваат и податоците од даночната управа за 2015 година, според кои прометот во цела Хрватска е најголем во петок, и тоа за 50 отсто повисок во споредба со прометот остварен во недела.
– Во половина од земјите-членки на ЕУ неделата е неработна. Република Хрватска двапати го менуваше законот во однос на ова прашање, но Уставниот суд двапати го поништуваше. Затоа е потребен дијалог на сите заинтересирани страни – вели Петир.
Драгица Штулиц од Синдикатот за трговија смета дека продавниците не треба да работат сите 365 дена и 24 часа на ден. Оттаму е испратен предлог до Владата за тоа работодавецот да избере сам пет недели што би ги работеле.
Мислењата во Хрватската стопанска комора се поделени. Едните велат дека прометот во малопродажба сѐ уште не е на ниво од предрецесискиот период во 2008 година, а на други работодавци, сепак, им се поважни достоинството на работниците и намалувањето на нелојалната конкуренција, пишува „Пословни лист“.
Трговските синџири во Италија процениле дека мораат да отпуштат десетина илјади работници ако Владата опстане на предлогот да се забрани работа во недела.
Франческо Пуљиес, извршен директор на голема трговска фирма, изјави дека оваа забрана ќе резултира со 40-50 илјади откази. Во исто време ќе се зголеми продажбата преку Интернет, што негативно ќе влијае на прометот кај големите и малите трговци. Процените се дека во Италија во недела купуваат околу 19,5 милиони Италијанци и во овој ден се остварува втор по големина промет во една седмица. Сегашната регулатива дозволува самиот работодавец да одлучи дали ќе се работи седум дена во неделата, во зависност од побарувачката.
Либерализацијата во работното време е воведена во 2012 година од владата на Марио Монти за да го засили економскиот пораст на земјата. Овие измени беа воведени и покрај противењето на Католичката црква, синдикатот и здруженијата на малите трговци. Експертите за работно право предупредуваат на штетните последици на новиот предлог од Владата на Италија. Стапката на невработеност во јули падна на 10,4 отсто, поради порастот на вработувањето на одредено време токму во трговијата и во угостителството.