Косовскиот премиер Рамуш Харадинај ги отфрли денеска како апсурдни тврдењата на официјален Белград дека тој или некој друг од државниот врв на Косово стои зад протестите во Србија против српскиот претседател Александар Вучиќ, јави дописникот на МИА од Приштина.
Харадинај на прес-конференција во Приштина им порача на српските власти да не го инволвираат него и некој друг во сопствените внатрешни проблеми.
– Апелираме до властите во Србија своите внатрешни проблеми да ги решаваат самите и да не остават нас да си ги вршиме нашите работи – изјави косовскиот премиер.
Тој ги повика и челниците на Европската унија да му го упатат на Белград истото барање.
– Во маките кои самите си ги имаме, воопшто не ни текнува на Србија и на тоа што се случува таму – изјави Харадинај.
Српската напредна партија (СНС) на Вучиќ и нејзините сојузници во власта, кои се соочија со масовни протести со барање за негова оставка, ги обвинија, меѓу другите, Харадинај и другите лидери на косовските Албанци дека ги помагаат опозициските демонстрации со цел да го урнат Вучиќ и актуелната власт.
Српскиот претседател ги обвини и странските амбасади за „двојни аршини“, затоа што, според него, не реагирале на упадот на демонстрантите во Радио-телевизија Србија (РТС) онака како што реагираа на случувањата во Собранието во Скопје на 27 април 2017 година.
Според Вучиќ, во Белград имало обид за реализација на „македонско сценарио“, кое го спроведувале опозициските лидери Вук Јеремиќ и Драган Ѓилас, кои српскиот претседател ги нарекува „тајкуни и пријатели“ на премиерот Зоран Заев.