Косовскиот премиер Рамуш Харадинај денеска повторно се спротивстави на заложбите на претседателот на Косово, Хашим Тачи за корекции на границата со Србија, порачувајќи дека границите може да се променат единствено со војна.
– Границите се воспоставени со војна и само со војна можат да се променат. Греши тој што мисли дека можат да се поместат поинаку – изјави Харадинај во денешното обраќање пред новинарите по седницата на Владата.
Според Харадинај, границите се поставени со последната војна од 1999 година од страна на Ослободителната војска на Косово (ОВК) и НАТО, а „со заслуги и на тие кои за тоа придонесоа порано“.
На прашањето дали тоа значи дека е против идејата на Тачи за „корекција на границите“, која претседателот најавува дека ќе ја претстави на преговорите со Белград во Брисел, Харадинај рече дека „единствено што е преостанато со Србија е признавањето на Косово во овие граници“.
– Останува само меѓусебното признавање. Со овие граници, со овие права. За тоа го поддржуваме претседателот – порача косовскиот премиер.
Единствен заинтересиран за поместување на границите, според него, е рускиот претседател Владимир Путин, „кој посакува анексија“. – Ние сме дел од американската карта – рече Харадинај.