Косовскиот премиер Рамуш Храдинај денеска повтори дека и покрај барањето на Вашингтон, таксата од 100 отсто на увозот од Србија и Босна и Херцеговина останува во сила, се до постигнувањето договор меѓу Приштина и Белград.
Како што јави дописникот на МИА од Приштина, Харадинај за време на посетата на косовската Агенција за приватизација (АКП) рече дека доколку Белград не го промени своето однесување и не го признае Косово, таксата „може никогаш да не биде укината“.
– Уште денеска ќе ја укинеме таксата ако се дојде до договор за признавање. Но, може и никогаш да не биде укината, доколку Србија не е подготвена за договор. Ова нема врска со Америка, туку се однесува на Србија и Русија, изјави Харадинај.
Косовскиот премиер објави дека на работната средба во АКП заедно со Бордот на директори била разгледана динамиката на процесот на приватизација и било нагласено значењето на институцијата за економскиот развој на земјата.
– Побарав од АКП да изготви анализа на средствата кои ги менаџира, како показател дека Косово е атрактивно и безбедно место за странските инвеститори, изјави Харадинај.