Kапитенот Горан Пандев и „дијамантот“ Елиф Елмас деновиве се во центарот на вниманието на дел од светските медиуми кои го претставуваат дебитантското учество на Македонија на големите фудбалски натпреварувања, но „Фајненшл тајмс“ се реши на поинаков пристап при пишувањето за претстојниот настап на „црвено-жолтите“ на Европското првенство, непотребно вплеткувајќи ги етничките поделби, како и прашањето на националниот идентитет во македонската фудбалска бајка.
– Првото учество на мала држава на големо натпреварување е фудбалска бајка. За децата кои успеале додека целата држава ги поддржува. Но приказната на Северна Македонија, претставена преку фотографиите на Матео де Мајда, е покомплицирана. Додека квалификувањето на ЕП, кое кулминираше со победата во баражот над Грузија од 1-0 во ноември, е возбудливо, тимот не ја има поддршката на сите два милиона жители – пишува Сајмон Купер во написот насловен „Може ли фудбалскиот успех да и помогне на Северна Македонија да ги изгради националниот идентитет“.
Угледниот весник се обидува да направи поделба помеѓу љубителите на фудбалот во Македонија наведувајќи дека дел од православните Македонци се сметаат за наследници на југословенската фудбалска традиција и дека продолжиле да навиваат за Југославија, а потоа и за Србија, како и дека повеќето од Албанците во Македонија навиваат за Албанија или за Косово.
Во анализата на весникот со седиште во Лондон се заклучува дека дополнителниот успех на националниот тим, како и евентуалниот пласман на Светското првенство во 2022 година би можеле да го „зацврстат кревкиот национален идентитет на Северна Македонија“.
Самото учество на македонската фудбалска репрезетанција на континенталниот шампионат се очекува да ги побие неоснованите тврдења во анализата на „Фајненшл тајмс“, чии новинари веројатно и самите ќе можат да се уверат во тоа кога ќе ја увидат поддршката која ја уживаат „црвено-жолтите“, односно сплотеноста меѓу љубителите на фудбалот во Македонија.