Во претходните три години во училиштата во Црна Гора во над 300 случаи биле преземени мерки за спречување насилство. Само лани имало 27 постапки за посредување во случаите за училишно насилство, а еден случај се однесувал на малолетник и на претставник на училиште, информираат од Центарот за посредување.
Училиштата од 2009 година немаат училиштен полицаец. Овој проект е укинат по спроведувањето на резултатите и бројот на ангажирани полициски службеници во училиштата и се заклучило дека е подобро на овој проблем да се пристапи на друг начин, соопштуваат од полициската управа.
Проектот што е реализиран од 2005 до 2009 година бил ефикасен, но не во рамките на очекувањата. Во текот на неговата реализација, околу 200 училишни полицајци биле ангажирани исклучиво за превентивно и репресивно дејствување во врска со безбедноста во училиштата и училишната популација.
– Секојдневно во училиштата беа ангажирани голем број полицајци, кои не можеа да се ангажираат за извршување голем број полициски задачи надвор од училишните дворови – велат од полициската управа.
Педагогот Радоје Нововиќ оценува дека училишните полицајци биле само една алка во спречувањето на насилството меѓу врсниците.
– Училишниот полицаец би помогнал за привремено смирување на учениците, но суштински не би променил ништо, затоа што кога ќе замине, децата продолжуваат со своето однесување. Треба да се работи на тоа децата да формираат свои ставови и вредности, да ги почитуваат различностите и да се води грижа за општото добро во училиштата – смета Нововиќ.
Борбата против врсничкото насилство е процес во кој треба да се вклучи целото општество, а училиштата да дејствуваат како систем.
– Кога ќе се случи насилство, треба да се води разговор и со насилникот и со оној што бил жртва. Доколку не се постигне резултат, се применуваат воспитно-дисциплински мерки – вели Нововиќ, за „Вјести“.
Портпаролката на Министерството за образование, Милица Лекиќ, нагласува дека во основното образование, кое е задолжително, детето не може да се исклучи од редовната настава затоа што тоа би било кршење на нормата за задолжително образование. Детето во случај на насилство може да се премести во друго училиште. Во средните училишта е можно изрекување мерката „исклучување“, кога наставничкиот совет ќе утврди тешки прекршоци или зачестени инциденти во кои учествувале исти лица.