ЕУ едно кажува јавно за Србија, а друго известува во неформалните документи
Европската комисија подготвила извештај за напредокот на Србија во исполнувањето на преодните мерила за поглавјето 23, кое е клучно за пристапување во преговорите за членство во ЕУ. Некои од овие мерила се засилени по барање на Хрватска, особено тие што се однесуваат на процесирањето на воените злосторства и соработката со Хрватска и меѓународните механизми. Овој извештај опфаќа период од шест месеци и е прв што е изработен според новата методологија за проширување на ЕУ. Извештајот е испратен до државите членки на ЕУ во форма на нонпејпер, со напомена дека деталниот извештај следува во годишниот извештај за напредокот. Во него се наведува дека Србија постигнала одреден напредок во голем број подрачја, но дека доцни во други. Во него се укажува на потребата за забрзување на реформите во правосудството, јакнење на независноста на судството, борбата против корупцијата и организираниот криминал, слободата на медиумите и процесирањето на воените злосторства, пишува „Јутарњи лист“.
Во неформалниот документ на ЕУ се споменува и ширењето омраза кон новинарите, а и примери за голем притисок врз судството и обвинителството, кои се искажуваат од пратеници. Информациите од истрагите често протекуваат и се користат од таблоидите во Србија, со намера да се дискредитираат судството и обвинителите.
Договорот меѓу Хрватска и Србија за соработка во казнените предмети не се исполнува од страна на Белград, а продолжува јавно да се доведуваат во прашање пресудите на Меѓународниот суд за воени злосторства. Србија не соработува ни околу апсењето на лицата обвинети за непочитување на Судот. Србија не ја спровела ни пресудата на Босна и Херцеговина против генералот Ѓукиќ, иако тој живее во Србија. Пребавно напредува и имплементацијата на националната стратегија за истражување и процесирање на воените злосторства, за кои во меѓувреме им истече рокот. Во извештајот се споменува и соработката на Србија во откривањето на судбината на исчезнатите лица. Според податоците што ги наведува Европската комисија, до 2020 година сѐ уште се водеа 10.006 исчезнати лица на подрачјето на поранешна Југославија. Србија дала информација за десет потенцијални локации за скриени гробници, а оваа информација се проверува во Хрватска. Но Србија ја разгледува иницијативата за заедничка работа на терен, се наведува во извештајот. Србија постигнала напредок и за издавањето учебници на јазиците на националните малцинства, но се бара и напредок за промовирање радио и ТВ-програми на овие јазици, пренесува „Јутарњи лист“.