Еден 65-годишен маж е приведен како главен осомничен за предизвикување на пожарите во источна Атика, во кои загинаа 91 лице, а 25 луѓе се водат како исчезнати.
Уапсениот, чиј идентитет не е откриен, наводно е жител на град во северниот дел на Атика, Пентели, наведува грчката телевизија „Скај“.
Според неговите соседи, тој и во минатото палел смет и суви гранки, а пред обвинителството сведочеле девет лица кои го сметаат за одговорен за предизвикување на пожарите.
Осомничениот наводно палел трева и суви гранки на брдото над Пентели кога искрите брзо ја зафатиле и другата вегетација. Поради високите температури и силните ветрови кои дуваат во областа, пожарот брзо се прошири и доби огромни размери.
Како што пренесува „Скај“, откако сфатил колкав станал пожарот, а особено после трагичните исходи, осомничениот маж се обидел да ги скрие трагите со земја, вода и кал, на почетната точка на која е предизвикан пожарот.