Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган порача дека неодамнешното големо откритие на резерви со природен гас во Црно Море е предвесник на новите вести за уште поголемо турско откритие.
– Имаме силни показатели дека откриените резерви се само најава за уште поголемо откритие. Наскоро се надеваме на слични вести и од Средоземното Море – рече тој во обраќањето по седницата на владиниот кабинет.
Тој смета дека Турција би можела да стане една од земјите со најголеми резерви на гас и дека направила големи чекори и во развојот на соларни и други потенцијали за обновлива енергија.
– Намалувањето на цената на природниот гас ќе има дополнително позитивно влијание врз буџетот на луѓето и развојот на сите сектори во наредниот период – рече Ердоган.
Турција минатата недела соопшти дека ги пронашла најголемите резерви на природен гас во Црното Море во својата историја. Грција, пак, најави четиридневни воени вежби на воздушните и поморските сили во областа што се совпаѓа со областа на источниот Медитеран, во која Турција претходниот ден најави дека ги продолжува активностите на истражувачкиот брод „Орус Реис“ за дополнителни четири дена.