Изјавата на францускиот претседател Емануел Макрон за Балканот „не е конструктивна“, оцени турското Министерство за надворешни работи.
Реакцијата следува по завчерашното обраќање на Макрон во Европскиот парламент(ЕП), кој рече дека сега не е време за ширење на Унијата со нови земји.
Макрон, меѓу другото, рече дека не сака „Балканот да се сврти кон Турција или Русија“. Портпаролот на турското МНР Хами Аксој потенцираше дека не е конструктивно Балканот да се доживува како сфера на влијание.
Тој изјави дека Турција, исто така е земја од Балканот, и истакна дека цел и приоритет на Анкара денес, но и отсегогаш, е мир, стабилност и развој на ргеионот.
– Заради таа цел, ние и натаму го поддржуваме членството на сите земји од регионот во европските и евроатлантските институции – посочи портпаролот.
Аксој рече дека Анкара се надева дека Франција ќе вложи барем онолку напори колку што вложува Турција за интеграцијата на Балканот во ЕУ и НАТО.
– Во таа смисла и препорачуваме на Франција да се обиде подобро да ги разбере напорите на Турција за одржување стабилност на Балканот – изјави Аксој.