Објавувањето информации за неовластено користење државни системи за прислушување на граѓаните се става во функција на политичките игри во земјите од Западен Балкан, во кои не успеаја да воспостават ефикасна контрола над службите на државната безбедност. Така, обелоденувањето на аферите за трето уво од секоја власт се (зло)употребува и се користи за оцрнување на политичкиот противник или како повод за извршување смени во раководните безбедносни структури и во државата
За два месеца од почетокот на годината беа објавени два случаја за постоење на „основано“ сомневање за неовластено прислушување на граѓани, политичари, новинари и носители на високи државни функционери во земјите во Западен Балкан. Карактеристично за двата случаи (во Србија и во Црна Гора) е што веста за нелегалното следење, најчесто на телефонската комуникација, е обелоденета од највисоките носители на власта. Во Србија тоа го соопшти српскиот претседател Александар Вучиќ, кој се пожали дека бил следен од службите за безбедност! Во Црна Гора тоа го стори новоизбраниот потпретседател во црногорската влада Дритан Абазовиќ, кој изнесе обвинение против претходните раководители во државната служба за разузнавање дека ги следела политичарите од претходната опозиција и новинарите. Ова е уште една потврда дека користењето на прислушните државни системи се става во функција на политичките игри во земјите од Западен Балкан, во кои не успеаја да воспостават ефикасна контрола над службите на државната безбедност. Така, обелоденувањето на аферите за трето уво од секоја власт се (зло)употребува за оцрнување на политичкиот противник или како повод за извршување смени во раководните безбедносни структури. Тоа го покажуваат и досегашните случаи, во кои никој не одговарал за неовластеното прислушување.
Потпретседателот на црногорската влада Дритан Абазовиќ јавно го обвини поранешниот директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Дејан Перунчиќ, дека е налогодавец на незаконското следење и прислушување новинари, политичари и други јавни функционери. Новиот директор на тајната служба, Дејан Вукшиќ, доказите за незаконското следење и прислушување ќе ги достави до Специјалното државно обвинителство, со поднесување кривична пријава дека разузнавачките агенти работеле за порталот „Удар“.
Овој медиум беше отворен пред одржувањето на последните парламентарни избори, кога беше поразена коалицијата предводена од Мило Ѓукановиќ, кој повеќе од две децении беше на власт во Црна Гора. Многу од разузнавачките информации завршуваа на страниците на „Удар“, кој по денот на гласањето на парламентарните избори и престана да работи!
– Не постојат докази за целта, но една од активностите што треба да ги спроведе обвинителството и во АНБ е да се види дали некој од истакнатите политичари и министри, претседателот на Владата или државата имале директно влијание на активноста на овој квазипортал, кој беше задолжен, меѓу другото, и да се пресметува со политичката конкуренција – изјави Абазовиќ на прес-конференцијата што ја одржа изминатиот викенд.
Дејан Перунчиќ не сакаше да ги коментира наводите за незаконско прислушување сѐ додека не заврши постапката со поднесувањето на пријавата до обвинителството, но појасни дека долго време е на оваа функција, работејќи во согласност со законите. Поранешните функционери информациите за прислушувањето ги поврзуваат со „обидите за дискредитација на службите со тенденција да се ослаби АНБ и да се зајакне влијанието на други служби во Црна Гора“.
Деновиве слична приказна за неовластено прислушување беше објавена и во Србија. Но овде не се споменуваат видни личности од опозицијата или од јавниот живот, туку во фокусот на специјалните истражни мерки на безбедносните служби биле лично српскиот претседател Александар Вучиќ и неговото потесно семејство! И по две недели од обелоденувањето на случајот нема директно обвинети лица за наводно нелегално прислушување на претседателот на Србија.
Медиумите, пак, засилено информираа за „поврзаноста“ на криминалните групи и поранешна висока функционерка во полициските служби, а сето тоа беше ставено во контекст на „борбата со организираниот криминал и мафијата во Србија“. Непосредно по ова, следуваа апсења на криминална група од Белград, која е предводена од водачот на навивачката група на фудбалскиот клуб Партизан.
– Борбата против организираниот криминал во Србија ќе продолжи со нови апсења на припадниците на криминалните организации и со проверка на врските што тие можеби ги имаат со поединечни државни органи – изјави Небојша Стефановиќ, министерот за одбрана, по завршувањето на националниот совет за безбедност со кој претседаваше Александар Вучиќ.
Опозицијата и некои од медиумите во Србија сметаат дела со апсењето на криминалната група на Вељко Беливук се поставуваат многу прашања, на кои најверојатно граѓаните нема да добијат и вистински одговор. Новинарката Даница Вучениќ, во разговор ТВ Н1, го поставува прашањето со кои лица од институциите комуницирал водачот на групата.
– Клучното прашање е врз основа на што државата, по толку години на дејствување на оваа група, токму сега ги обвини за разни кривични дела? Зошто државата во 2017 година дозволи неговата група да ја штити инаугурацијата на претседателот од новинарите, а нивниот водач беше обвинет за убиство – вели Вучениќ.
Во балканските земји во минатото повремено се објавуваа информации за прислушување политички партии или функционери, но тие случаи никогаш не добија судска разврска, ниту пак некој одговараше за неовластено прислушување или, пак, за злоупотреба на системите за следење на лицата и на телефонските разговори на „неподобните лица“. Се чини, Македонија има „најпорозен“ безбедносен систем, од причина што од осамостојувањето преживеала повеќе афери за нелегално прислушување. Најновата и најголема афера со нелегалното прислушување беше обелоденета од поранешниот лидер на опозицијата Зоран Заев, кој објави содржина од нелегално снимани телефонски разговори од тогашните безбедносни служби. Содржината од нелегално сниманите разговори беше објавени во т.н. „бомби“, со кои беше демонтиран претходниот владејачки систем, а некои од овие разговори станаа и основа за отворање предмети што беа водени од поранешното специјално обвинителство. Меѓутоа, никој досега не одговарал за нелегалните прислушувања во Македонија. Во Србија и во претходниот период медиумите објавуваа информации за прислушување политички партии или функционери, но никогаш не беше потврдено и од официјални полициски органи.