Рејтингот на Жив ѕид постојано расте, а од оваа партија отворено порачуваат дека не им се потребни ни ЕУ ни еврото
Порастот на рејтингот на Жив ѕид неколку години едноподруго не е занемарлив и доколку продолжи овој тренд, успехот на оваа трета политичка сила во Хрватска на следните парламентарни избори би можела да ги принуди вечните ривали ХДЗ и СДП да формираат голема коалиција. Рецептот на оваа партија е едноставен, а се однесува на доброто детектирање за проблемите што ги мачат граѓаните што со години не можат да излезат од должничкиот круг, ветувајќи им отпис на долговите, забрана за извршувањето на хипотеките, исклучување на струјата, водата и гасот. За нивната неповолна финансиска состојба граѓаните ги обвинуваат големите партии, а притоа ја занемаруваат неодржливоста на некои мерки што ги нуди Живиот ѕид.
„Вечерњи лист“ пишува дека успехот на оваа партија се должи, главно, и на избегнувањето да ги коментира темите за кои се водат остри дебати во хрватското општество. Кога беше кулминацијата на расправата „за“ и „против“ Истанбулската конвенција, од партијата се залагаа за загадувањето во Славонски Брод, а самото гласање за конвенцијата го избегнаа. Секако дека секоја сериозна политичка партија во Хрватска мора да има и одговори на такви прашања, за кои би се изгубил и некој процент од довербата од гласачите, забележува весникот.
Запрашан за порастот на Жив ѕид, премиерот Андреј Пленковиќ одговори дека не е проблем само во Хрватска постоењето на антисистемски партии со „празни програми“, кои се безидејни, противуставни и штетни за граѓаните.
– Секој има свој избор, а моја задача е на хрватската јавност да ѝ се покаже кој е сериозен а кој не е, кој има капацитет за решавање на проблемите а кој нема. Нема да дозволиме Хрватска да се врати 50 години наназад – рече Пленковиќ.
Во новиот број на политичкиот неделник „Експрес“ се анализира феноменот за политичкото движење, кое сосема сигурно се профилира со собирањето на гласовите од незадоволните Хрвати.
– Требаше некој да им застане на патот на крадците во големите политички партии. За 25 години не направија ништо и како може да биде полошо доколку Жив ѕид дојде на власт. Тие покажаа дека не се корумпирани, се борат против принудното извршување над малиот човек. Зошто да не се проба и на овој начин – изјави еден симпатизер на Жив ѕид.
Популарноста на Живиот ѕид расте во континуитет, достигна до 14 отсто и станува трета политичка партија во Хрватска, а длабоко навлегува во гласачкото тело на социјалдемократите, кои имаат пад на 18 отсто поддршка од гласачите. Меѓутоа, колку и да држат оцените за ХДЗ и за СДП за троми во воведувањето какви било промени и дека важат за партии во кои царува клиентелизмот, последниот конгрес на Жив ѕид и нивната програма покажаа дека може да биде и полошо. Тие ја зачуваа моралната чистина и не се компромитираа со учество во власта и со склучување компромиси, но нивната програма покажува дека Хрватска би ја направиле изолирана држава, која би влегла во подлабока економска катастрофа. Од оваа партија и досега се нудеа мерки што се тешко спроведливи, но на нив никој не посветуваше поголемо внимание затоа што се веруваше дека не можат да допрат подалеку од неколкумина пратеници во хрватскиот сабор, пишува во текстот на „Експрес“.
– Излезот од ЕУ е услов без кој не може да се биде слободен. Ако бараат слуги, нека ги бараат на друго место, не во Живиот ѕид – крикна Иван Пернар, во настапот пред сопартијците на партискиот конгрес, што беше проследено со громогласен аплауз од две илјади лица.
Од големата сала во „Лисински“ отворено беше порачано дека не им се потребни ни ЕУ ни еврото. Во замена за ова Пернар го нуди решението во соработката со Бразил, Русија, Кина, Индија и ЈАР, на што треба да се преориентира целокупното хрватско стопанство.
– За пет години членство во ЕУ трипати повеќе фирми извезуваат во земјите-членки на заедницата. Извозот ни порасна за 40 отсто и излегувањето од ЕУ би ни донело апсолутна економска катастрофа. Тоа значи враќање во рецесија и пораст на невработеноста. Тоа е само еден пример – оценува Борис Вујичиќ, гувернерот на ХНБ.
Со излегувањето од ЕУ треба да се заборави и на поддршката од европските фондови, а Хрватска од 2014 до 2020 треба да повлече околу 11 милијарди евра. Но ова не ги загрижува премногу приврзаниците на Жив ѕид, а како одговор се нуди тоа дека странците ќе го купат целото земјиште.
– Ние од ЕУ имаме повеќе штета. Земјоделството пропадна, а Хрватска е сѐ покорумпирана. Мораме да го продаваме обработливото земјиште, се согласивме за дупчења во Јадранот. Ќе бидеме странци во сопствената земја, ќе ги изгубиме ресурсите и морето. Тоа не е наш сон и сон на граѓаните – вели пратеникот Бранимир Буњац од Жив ѕид.
Меѓу мерките што ги предлагаат се и воведување ДДВ од 30 отсто за сите увозни производи, а на домашните би го симнале на 10 отсто, воведување повисоки пензии, а минималната би изнесувала 3.150 куни за полн работен стаж, здравството и лековите би биле бесплатни и достапни за сите.