Тлото на Балканот не мирува, податоците објавени на страницата на Евро-Медитеранскиот сеизмолошки центар (ЕМСЦ) покажуваат дека од синоќа во 19 часот до изутринава се регистрирани 15 земјотреси во регионот, од кои најголем број се во Јадранското море и во Албанија, а се тресеше тлото и во Грција и во Хрватска. Евидентирани се земјотреси и во Романија.
По серијата потреси во Албанија, синоќа околу 19.17 часот земјотрес е почувствуван во внатрешноста на Хрватска.
Земјотресот бил со јачина од 3 степени според Рихтеровата скала и синоќа можел да се почуствува во Карловац, но и во делови од Загреб.
Четири земјотреси за помалку од половина час биле регистрирани во Албанија. Првиот од серијата е во 23.50 со јачина од 4,5 степени по Рихтер и вториот само две минути подоцна со јачина од 4,4 степени.Следните два земјотреси се регистрирани по полноќ со јачина од 3,7 степени и вториот десетина минути подоцна со јачина од 3 степени, а кои беа почувствувани и во западниот дел на земјава.
Два земјотреси едноподруго се регистрирани во Албанија и во 1.44 и 1.45 часот со јачина од 3,3 степени по Рихтер.
Бројот на загинатите во земјотресот во Албанија се искачи на 35 лица
Бројот на загинатите во земјотресот во Албанија се искачи на 35 лица, објави весникот „Албаниан дејли њуз”, на својот сајт, повикувајќи се на официјални податоци. Претходно беше соопштено дека има за 27 загинати и над 650 повредени.
Министерката за здравство, Огерта Манастирлиу синоќа рече дека здравствената состојба на осуммина е сериозна. Таа додаде дека двајца од повредените најверојатно ќе бидат префрлени во Италија, додека 32 лица се на интензивна нега.