Претседателот на Косово, Хашим Тачи денеска изјави дека Приштина по ниту една цена нема да дозволи односите со САД да бидат нарушени и дека ќе постапи по барање на Вашингтон за суспензија на таксите за производи од Србија, но дека за тоа ќе треба „малку повеќе време“.
– Колку порано го затвориме тоа прашање, толку подобро, рече Тачи.
Во интервју за „Топ чанел“, Тачи наведе дека нема да дозволи Белград да го условува продолжувањето на дијалогот.
– Косово имаше право да донесе одлука за зголемување на таксите, но истовремено треба да водиме сметка за нашите односи со САД, рече Тачи.
Тој, по повод барањата на САД и под закана од санкции за Приштина да ги тргне таксите, со цел да се отвори патот за продолжување на дијалогот, рече дека односите на ниту еден начин не можат да бидат компромитирани и дека нема цена која ќе го наруши партнерството на Косово со САД.
– САД помогнаа Косово да биде слободно и независно, секој нивен совет го испочитувавме, што и на нас и на нив ни донесе само добро. И овој совет, секако, ќе биде испочитуван, рече Тачи.