Косовскиот претседател Хашим Тачи на денешното одбележување на 20-годишнината од масакрот во селото Избица, порача дека Косово никогаш нема да го заборави геноцидот кој Србија го изврши во последната војна, иако „тие злосторства некој во светот се труди да бидат заборавени“, јави дописникот на МИА од Приштина.
На комеморацијата во Избица, во областа Дреница во централно Косово, каде на 28 март 1999 година српските сили ликвидираа 147 цивили, Тачи изјави дека тие луѓе биле убиени само заради тоа што се Албанци.
– Денеска, на 20-годишнината од злосторството на војската, полицијата и паравоените формации на Србија, се потсетуваме на масакрот во Избица, каде што беа убиени 147 невини граѓани, цивили, единствено поради тоа што беа Албанци. Се потсетуваме на сите маченици и жртви на теророт на српската држава во 1998-99 година, но и порано. Во тоа време невооружени и недолжни луѓе беа убивани насекаде низ Косово. Косово никогаш нема да ги заборави злосторствата што ги изврши српската држава, иако некои во светот се трудат тие да бидат заборавени – изјави Тачи.
Косовскиот претседател порача дека и покрај геноцидот и етничкото чистење што ги спровела Србија во Косово, земјата годинава одбележува и две децении од ослободувањето.
– Српската држава изврши геноцид и етничко чистење во Косово, протера 800 илјади луѓе, палеше имоти и ограбуваше. Уште еднаш ќе нагласам: Никогаш нема да се заборават тие злосторства и масакри кои српската држава ги изврши во Косово. Годинава Косово ја одбележува и 20-годишнината од ослободувањето, а овој ден никогаш немаше да дојде без праведната борба на ОВК, без пожртвуваноста на сите граѓани на Косово, без жртвата на 2.000 загинати борци и илјадници маченици, без жртвата на Адем Јашари и неговото семејство и на многу други соборци – изјави Тачи.
Тој потсети и на масакрите од страна на српските сили, чија 20-годишнина беше одбележана вчера и завчера, при што ги спомена Голема Круша, каде што беа убиени 243 мажи и момчиња, Мала Круша со 113 цивилни жртви и Сува Река, каде што беа убиени 50 членови на семејството Бериша, чии тела по војната беа ексхумирани од масовна гробница во Батајница во Србија. Споменатите и повеќе други случаи на масовни ликвидации во Косово беа извршени по почетокот на воздушните напади врз тогашна СР Југославија од страна на НАТО, кои започнаа на 24 март 1999 година.
– Праведната борба на косовскиот народ во тоа време беше поддржана од најсилните држави на светот, од западните демократии на чело со САД и НАТО, истакна Тачи, нагласувајќи дека „Косово полека, но сигурно чекори кон зачленувањето во НАТО и Европската унија, негувајќи одлични односи со САД“.