Косовскиот претседател Хашим Тачи на прес-конференција рече дека нема да се сретне со специјалниот пратеник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, освен ако не каже нешто конкретно.
Бидејќи Лајчак потврди дека е на пат за Приштина, косовскиот претседател најави два услови за средба со него, пренесува РТК2. Првиот услов, според Тачи, треба да биде позитивен став на земјите-членки на ЕУ за визната либерализација, а вториот услов е Косово да се третира како независна земја, со цел да се олесни дијалогот.
Тачи исто така рече дека поканата на САД упатена до Косово и Србија за состанок на 27 јуни во Белата куќа во Вашингтон, ги зголемува надежта, оптимизмот и вербата дека процесот ќе биде успешен. Тој истакна дека основата за делувањето на косовската страна е целосно почитување на Уставот и дека во никој случај не се обидува да се загрози територијалниот интегритет на Косово.
– Ги повикувам сите да не шират дезинформации за размена на територии или нешто слично. Косово оди таму како независна, суверена и обединета држава, со јасна политика. Секое дезинформативно тврдење кое има за цел да донесе забуна кај домашната и меѓународната јавност е неосновано и е лажна вест – рече Тачи на прес-конференција во Приштина.