Некои работодавци во Словенија не ги почитуваат правата на работниците од Босна и Херцеговина, предупредија неодамна од Агенцијата за труд и вработување на БиХ, врз основа на пријавите од работниците поднесени до синдикалните организации. Оштетените работници посочуваат примери кога им бил одземан дел од заработувачката, а имало и случаи кога шефовите физички да ги напаѓале работниците, пишуваат медиумите во БиХ.
– Имав потреба да одам на лекар, но газдата не ми дозволи. Ги пцуеше Босна и мојата фамилија и ме удри со тупаница во лицето. Не реагирав и заминав во амбуланта, а тие ме препратија во болница. Повикав и полиција, но веднаш добив отказ. Газдата ме обвини дека сум виновен и ме тераше да ја потпишам изјавата. Јас сакам да ми се исплати во целост тоа што го заработив – изјави еден работник, во своето сведоштво за условите за работа во Словенија.
Работодавецот од првата плата му одбил 850 евра за виза, а потоа наплатил и дополнителни трошоци од стотина евра. Исто така, му одбил од платата и за набавка на гуми за камионот во висина од 800 евра, а за тоа не добил никаков документ.
Проблемот настанува затоа што луѓето потпишуваат сѐ што ќе им се даде без да размислуваат за последиците, вели извршниот секретар на Независниот синдикат на работници во Словенија, Борис Перш, кој ги застапува интересите на странските работници.
– Ретко некој работник од странство се зачленува во синдикатот кога ќе дојде во Словенија. Овде, како и секаде во светот, има добри и лоши работодавци. Работниците најчесто бараат помош од синдикатот кога е направена штетата и кога тешко може да се заштитат нивните права – вели Перш.
На возачите им се крати од платата со нелегални пресметки за извозен километар, со што можат да изгубат од 500 до 800 евра месечно. Така, времето за товарење, истоварање и за средување на документација за товарот, им се смета како одмор. Со скратување на одморот се загрозува и безбедноста на возачите.
– Работиме по два месеца непрекинато, спиеме по камиони и викендите ги поминуваме на патиштата, а тоа не ни е платено. Платите се прениски за таква работа и изнесуваат околу 1.100 евра. Некои возачи по две години не добиваат годишен одмор – вели возач од Република Српска.
Во уште понезавидна позиција се градежните работници од Босна и Херцеговина и од Србија. Овие работници се препраќаат на работа во Германија, најчесто без соодветната документација и без пари, а германските власти ги протеруваат како нелегални работници.
– Платите им се исплаќаат на незаконски начин, на рака и по ниски дневници. Има случаи кога газдите им велат да си одат во БиХ, со изговор дека платата ќе им биде испратена на домашна адреса. Но платата никогаш нема да ја добијат – вели Перш.
Бројот на граѓаните од БиХ што работат во Словенија рапидно се зголемил откога двете земји потпишале спогодба за вработување. Само во првите 10 месеци од оваа година повеќе од 13.000 работници од БиХ добиле словенечки работни дозволи. Спогодбата предвидува работниците да добиваат работна виза за три години, а првата година мораат да останат кај ист работодавец, а подоцна можат слободно да менуваат работни места, на ист начин како и работниците од Словенија.