Во Хрватска повеќе од 100.000 физички лица поседуваат оружје, а најголемиот дел од нив има пиштол, а помал број од нив во своите домови чува пушки. Граѓаните што имаат дозвола за држење оружје го купиле за самоодбрана или за лов на животни. Високиот број на издадени дозволи за носење оружје упатува на тоа дека земјата се наоѓа како во предвоена состојба, пишува „Слободна Далмација“.
Посебен документ за држење оружје им се издава на физичките лица за самоодбрана или за регистрирање спортско оружје. Доколку лицето покаже дека неговата сигурност е загрозена или би можела да биде загрозена, се смета дека тоа има оправдана причина за набавка на оружје заради зачувување на сопствената безбедност.
Другата причина е користење на оружјето за спорт и за лов. Спортското оружје не смее да се користи надвор од терените за натпреварување. Ловечкото оружје може да се користи во согласност со законите за лов на стрелиштата или другите места одредени за вежбовно гаѓање.
Барањето се поднесува во полицијата и за одобрување на дозволата е потребно исполнување повеќе услови: лицето да има најмалку 21 година, да е здравствено способно и да поседува вештини за користење на оружјето. За барателот не треба да има изречено заштитна мерка за насилство во семејството. Во законот е предвидена и можност за упатување на вонреден здравствен преглед ако се посомнева во физичката способност на сопственикот на оружјето.