Олку големи поседи не може да се пронајдат во развиените земји, а причината за тоа е ниската цена за откуп на државно земјоделско земјиште, посочуваат агроекономистите во Србија
Неколкумина најголеми сопственици на земја во Србија во свои раце држат околу 100 илјади хектари обработливо земјиште, кои претставуваат вистински латифундии, а ова се должи на тоа што државата по пониски цени им ги продала некогашните земјоделски комбинати, пишува „Данас“.
Дека меѓу големите земјосопственици во Србија владее жестока борба за откуп на обработливо земјиште потврдува и податокот дека МК-групацијата на Миодраг Костиќ ги откупила правата од претходната фирма „Викторија груп“, која западна во проблеми. Српските аналитичари оценуваат дека целта на оваа зделка е преземање на челната позиција меѓу српските приватни земјосопственици, која сега суверено ја држи Петар Матиевиќ, сопственик на индустријата за месо „Матиевиќ“. Оваа фирма со околу 35.000 хектари земјиште и натаму е најголем приватен земјосопственик во Србија. Вработува околу 2.600 луѓе, а поседува и повеќе фирми од областа на земјоделското производство и преработка. Матиевиќ во своја сопственост држи и околу 1.500 хектари обработливо земјиште во Хрватска.
Миодраг Костиќ во имотниот лист има 30.000 хектари земја на територијата на Пожега, Вршац, Кула, Бачки Брестовац, Инџија… Оваа компанија располага со 9.000 хектари земјиште што се наводнува, а тој е закупец на околу 30 илјади хектари земјиште во Украина.
Мирослав Мишковиќ преку своите компании „Делта аграр“ обработува 14.500 хектари земја во Србија, а се занимава и со градинарство, овоштарство, сточарство и рибарство. На четврто место меѓу приватните српски големопоседници е бизнисменот Џорџије Никовиќ со само 400 хектари. До неодамна тој поседувал повеќе земја, но поголемиот дел ја продал, меѓу нив и компанијата ПИК „Бечеј“ со околу 2.900 хектари земјиште, кои му ги отстапил на Миодраг Костиќ.
Меѓу странските компании најмногу земја во Србија поседува ирската компанија „Балтик проперти инвестмент лимитед“ со 13.000 хектари земјиште, унгарската компанија ЦБА е сопственик на околу 2.650 хектари земјиште, а „Жито група“ на Марко Пипуниќ од Осиек во Србија располага со околу 2.000 хектари земјиште. Сепак, околу 830 илјади хектари земја во своја сопственост и натаму е државата Србија.
Агроекономистот Милан Простран за „Данас“ вели дека најголемата одговорност за постоењето на огромните приватни земјоделски стопанства е во државата, која многу евтино ја продавала земјата на одделни компании.
– Земјоделските комбинати се продавани по ниски цени. Цената на еден хектар се движела од 150 до 200 евра. Колку е тоа ниска цена најдобро покажува тоа што актуелните приватни сопственици истиот хектар сега го проценуваат на околу 20 илјади евра. Овде може да се види по каква багателна цена тие добиле многу вредно обработливо земјиште. По ова тие го зголемувале своето богатство со преземање на преработувачките капацитети – вели Простран.
Тој објаснува дека олку големи поседи не може да се пронајдат во развиените земји. На пример, во САД тешко ќе се најде поголем имот од 10.000 хектари, и тоа се главно пасишта, а не обработливи површини. Со српските латифундии единствено можат да се споредат огромните површини во сопственост на крупниот капитал во некои земји од Јужна Америка.
Советникот за приватизација Бранко Павловиќ истакнува дека не може да има ништо спорно во тоа да се поседуваат големи површини земја, доколку големите приватни сопственици ги исполнуваат своите обврски и редовно ѝ плаќаат рента на државата.
– Проблемот во Србија не е во фактот што не постојат големи земјоделски стопанства, туку во тоа што околу 500 илјади хектари во сопственост на државата воопшто не се обработуваат или тоа не се прави на адекватен начин. Тоа е многу поголема површина од онаа што ја поседуваат приватните компании. Во интерес на српското земјоделство би било нешто да се смени на овој план, односно ова земјиште да почне да се обработува – заклучува Павловиќ.