Опсежната акција на полиција за справување со припадниците на криминалното подземје ја најави министерот за внатрешни работи Небојша Стефановиќ
Во неколку координирани акции во текот на претходните денови во Крагуевац се уапсени водачите на клановите, кои оперирале на просторот на населбата Аеродром, кои се познати под името Волпеовци, а името го добиле од истоимената дискотека. Пред неколку месеци во оваа дискотека бил масакриран боксерот Ј.Л. (24). Меѓу уапсените е и лицето со иницијали М.Ј. за кого полицијата се сомнева дека е водач на друг клан од истата населба. Кај второто приведено лице С.М., при претресот во неговиот стан биле пронајдени дрога и оружје. Постои сомневање дека М.Ј. тргувал со оружје за криминални групи во Косово. Српските медиуми објавија дека следните денови ќе продолжат полициските акции и се очекуваат нови апсења низ земјата.
Опсежната акција на српската полиција за справување со припадниците на криминалното подземје ја најави и самиот министер за внатрешни работи Небојша Стефановиќ, кој во отчетот за 2018 година рече дека биле расветлени 80 отсто од сите убиства на територијата на Србија. Со спроведените акции испратена е порака до сите што се занимаваат со организиран криминал дека нема да можат да го прават тоа во Србија, пренесе ТАНЈУГ.
– Србија нема да биде место за кланови од Црна Гора, ни од Босна и Херцеговина. За тоа е потребна соработка со другите полиции во регионот – изјави Стефановиќ.
Тој ги демантира бесмислените теории, кои се пласираат во јавноста, дека противниците на Шкаљарскиот клан нема да завршат зад решетки, поради тоа што „имале силни врски во полицијата“. Министерот нагласи дека многу криминалци од овој клан се зад решетките или се пребегани во Црна Гора, Србија или во Европа. Полицијата повеќе апсела криминалци од оваа група затоа што е најмногубројна и нивното дејствување е проширено низ Србија и регионот.
– Не сум засегнат од тоа кој во кој клан е. Ќе ги уапсиме сите криминалци, никој нема да биде заштитен. Еднакво ги апсиме и од Шкаљарскиот и од Кавачкиот клан – нагласи министерот на конференцијата за новинарите.
Тој ги повика граѓаните што имаат какви било сознанија за криминално дејствување да ги споделат со полицијата, но истакна дека такво нешто никој не сторил. Министерот најави натамошна сериозна борба против криминалот, за што е потребна целосна поддршка од граѓаните и од медиумите.
Паралелно со ова, српската влада донесе и нови законски измени со кои се заострува казнената политика кон лицата што прават други кривични дела, а најважната е воведување доживотна казна затвор за најтешките дела.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, по седницата на Советот за национална безбедност, изјави дека очекува од ЕУ поддршка за заострување на домашната казнена политика со оцена дека ,,доколку Германија може да има доживотна казна затвор, зошто не би имала Србија“.
Вучиќ најави дека ќе бидат зголемени минималните и максималните казни, а и дека државата се определила за драстично повисоки казни за дела за насилно однесување, како и воведување доживотна казна затвор за најтешките дела како што се семејно насилство, силувања, педофилија или убиство на дете.
Кампањата за доживотен затвор веќе две години ја води фондацијата на Тијана Јуриќ, со која раководи нејзиниот татко Игор, откако во 2014-та исчезна неговата 15-годишна ќерка, која по 12 дена беше најдена мртва на депонија. Оваа фондација во 2017 година до Собранието на Србија поднесе близу 160.000 потписи од граѓаните што ја поддржале иницијативата.
Марко Ничовиќ, некогашен началник на белградската полиција, смета дека оваа идеја е добра, затоа што на тој начин ќе им се испрати порака на убијците дека нема брзо да го напуштат затворот.
– Сите што сметаат дека ќе бидат пуштени поради добро владение, ќе сфатат дека тоа е невозможно, а ќе се намалат и бројот на кривичните дела, затоа што на таквите лица не влијае должината на казната. Оваа идеја е добра, затоа што во случаите за силување главно станува збор за повратници, кои по излегувањето од затвор го повторуваат делото. На овој начин тие ќе бидат спречени да го повторат делото. Со доживотниот затвор овие лица, кои се опасни за општеството, се отстрануваат од улицата. Ваквите монструозни дела се граничат и со патологија – вели Ничовиќ.
Со сличен став е и адвокатот Небојша Милосављевиќ, кој вели дека доживотниот затвор е добра работа.
– Апсолутно се согласувам за убиства и за силување деца да се воведе доживотна робија. Луѓето што убиваат и силуваат тригодишни деца не треба да живеат во заедница, за нив нема оправдување. Со ваква казнена политика Србија покажува дека ги штити најслабите во општеството – вели Милосављевиќ.