Припадници на српските Вооружени сили утре ќе изведат тактичка вежба со боево гаѓање под име „Векот на победата 1918 – 2018“, во чест на стогодишнината од победата во Првата светска војна.
Началникот на Дирекцијата за разузнавачко-извидувачки работи на Генералштабот на Вооружените сили на Србија, генерал-мајор Илија Тодоров изјави дека оваа вежба ќе биде ефективна, уникатна и една од најголемите уште од времето на ЈНА.
Според најавите, вежбата ќе се спроведува на десет локации со учество на 8.000 припадници на Копнената армија, Военото воздухопловство, Речната флота и други единици.
Во вежбовните активности ќе учествуваат 100 тенкови, 100 оклопни борбени возила, 100 артилериски и ракетни систем и 24 авиони и хеликоптери, при што ќе бидат употребени околу 103 тони боева муниција и средства.
Тема на вежбата е “Подготовка и употреба на сили за реакција на српската армија“.
Централната активност ќе се одржи на полигоните „Пештер“ и „Пасуљански ливади“, на кои ќе присуствува и претседателот на Србија, Александар Вучиќ.