Бројот на случаите на морбили се зголемува со алармантно ниво ширум светот, а предводници се 10 земји каде се регистрирани три четвртини од новите случаи на мали сипаници, соопшти денеска УНИЦЕФ.
На глобално ниво, 98 земји пријавиле повеќе случаи на мали сипаници во 2018 година во споредба со 2017 година, со што се намалува напредокот против оваа болест која многу лесно се превенира, а е потенцијално смртоносна.
Земја, каде во периодот меѓу 2017 и 2018 година имало најголемо зголемување на бројот на случаите на мали сипаници е Украина со 30.338 заболени, Филипини (4.916), Србија (4.355), Мадагаскар (4.307), Судан (3.496), Тајланд (2.758) и Франција со 2.269 случаи во тој период.
УНИЦЕФ предупредува дека бројот на случаи на мали сипаници во светот се зголемува до алармантно ниво, а ситуацијата е најкритична во 10 земји, каде се регистрирани 74 отсто од сите случаи. Загрижувачки е и тоа што држави кои претходно биле означени како земји без морбили, сега се зафатени од оваа болест, од која најчесто заболуваат децата.
– Ова е повик за будење. Имаме безбедна, ефикасна и евтина вакцина
против многу заразна болест – вакцина која зачувува речиси еден милион
животи секоја година во текот на последните две децении. Овие случаи не се случија преку ноќ. Недостиг на акција денеска, значи катастрофални последици за децата утре – изјави Хенриета Форе, извршна директорка на УНИЦЕФ.
УНИЦЕФ појаснува дека епидемијата во Србија се случила поради тоа што одредени групи во општата популација не биле вакцинирани, а нивниот број бил доволно голем за да доведе до циркулација на вирусот и ширење на инфекцијата.
Лошата здравствена инфраструктура, граѓански немири, недоволната свест, недоверба и двоумењето за вакцинација во некои случаи предизвикаа епидемија и во развиените земји и во земјите во развој. Така, на пример, во САД регистрирани се 791 случај, што претставува зголемување од шест пати во 2018 во однос на 2017 година. Епидемијата неодамна се појави во Њујорк и Вашингтон.
УНИЦЕФ е загрижен и поради тоа што земји каде во 2017 година немало случаи на морбили, во 2018 има значаен број на заболени. Таа листа ја предводи Бразил со 10.262 случаи, а следуваат Молдавија 312, Црна Гора 203, Колумбија 188 случаи…
– Речиси сите случаи можеле да се спречат, но децата се ранливи на
инфекции дури и на места каде нема оправдување за тоа да се случи. Мали сипаници се болест, но најчесто вистинската инфекција е погрешна информација, недовербата и неодлучноста. Треба да сториме повеќе за да им ја дадеме вистинската информација на родителите за да можеме безбедно да го вакцинираме секое дете – рече Форе.
УНИЦЕФ ги повика владите, здравствените работници и родителите да сторат повеќе за спречување на болеста со тоа што ќе сфатат дека вакцините се безбедни и ефикасни и дека можат да ги спасат животите на децата, имунизација на сите деца на возраст од шест месеци до пет години за време на епидемијата и обука и опремување здравствените работници со цел да обезбедат квалитетна услуга.
Малите сипаници се високо заразни, повеќе од ебола, туберкулоза или грип. Вирусот може да се пренесе дури два часа откако инфицираното лице ќе ја напушти просторијата. Се пренесува преку воздух и го инфицира респираторниот тракт, што може да доведе до смрт на потхранети деца или бебиња кои се премногу мали за да ја примат вакцината. Кога се јавува инфекција, не постои специфичен начин за лекување на болеста, а вакцинацијата е единствениот начин да се спасат животите на децата.