Грчката крајбрежна служба во текот на ноќта започнала акција во близина на островот Хиос во која биле спасени 36 бегалци и мигранти, а во тек е потрагата по две исчезнати лица, откако од непознати причини, се превртил чамецот во кој што се превезувале, објавија локалните медиуми.
Бегалците и мигрантите, според истите информации, со чамец тргнале од турското крајбрежје, а крајната дестинација бил грчкиот остров Хиос, јави дописничката на МИА од Атина.
Во спасувачката акција во морскиот дел источно од Хиос учествуваат бродови на грчката крајбрежна служба, на ФРОНТЕКС, еден спасувачки чамец и хеликоптер супер пума на воената авијација на Грција.