Повеќе од 70 фамилии, кои ја поседуваат најголемата флота на мали луксузни бродови во Хрватска, се соочуваат со големи финансиски загуби поради корона-кризата
Хрватска
Малите бродари и имотните бродосопственици во местото Крило Јесенице, во кое се сместени околу 80 отсто од националната флота на мали крузери, кои се наменети за летните пловидби на странските туристи во водите на Далмација, во периодот на епидемијата поминуваат низ ноќни кошмари. Нивната флота од 200 пловни објекти, која според некои процени е вредна повеќе од две милијарди куни, стои закотвена во марината и неизвесно е дали таа воопшто ќе исплови ова лето.
Најавите за годинашните сезона беа одлични, со очекуван раст на приходите од 20 отсто, а се планираше и пуштање во морето на 20 нови бродови. Сега, на почетокот на топлото време, ова пристаниште изгледа проклето поради епидемијата на коронавирусот, пишува во репортажата на „Јутарњи лист“.
– За најлошото сценарио не сакаме ни да размислуваме. Ова е семеен бизнис, оптоварен со големи кредити. Гаранциите се проследени и со хипотеки – вели Арсен Ерцеговиќ, претседател на Хрватската задруга на сопственици на приватни бродови.
Повеќе од 70 фамилии, кои живеат во ова мало место меѓу Сплит и Омиш, се сопственици на оваа луксузна флота и секоја година изработуваат уште 20 хотели на вода. Малите бродоградилишта беа презафатени со нови порачки за неколку години однапред.
Еден мал современ брод чини меѓу два и три милиони евра, а за неговата изградба е неопходно земање хипотекарни кредити, за период од осум години. Има и поевтини серии од неколку стотини илјади евра. Еден брод во полна сезона донесува приходи од два милиони куни. Кога мини-крузерите се изнајмуваат цела сезона, половината од приходите мораат да се одвојат за покривање на редовните трошоци, а од добивката да се исплаќаат кредитните обврски.
– Банките прогласуваат мораториум на три месеци, а ние сме сигурни дека нема да оствариме заработка. Во случај и да работиме на крајот од сезоната тоа не би било доволно за покривање на основните трошоци на работење – вели Ерцеговиќ.
Претседателот на Здружението на туристички бродови (ХГК), Анте Ракуљиќ, вели дека овие бродови се вистински хрватски производ, од изградбата и опремувањето до сервисирањето во хрватските бродоградилишта, при што се вработува исклучиво домашен поморски персонал, а се нуди и домашна храна.
Затоа, сопствениците на мали јахти се надеваат дека банките ќе имаат разбирање за нивните проблеми и ќе им се одобри мораториум на кредитите минимално на една година. Другите бродари што немаат кредити, ќе бидат принудени да земаат заеми за да ги покријат тековните обврски кон државата и кон вработените.