Политичката криза околу формирањето на централната власт во Босна и Херцеговина не е сѐ уште надмината, но тоа не беше проблем избраните народни пратеници брзо да постигнат договор за висината на надоместоците што ќе ги добиваат во наредниот период. Седницата на сегашниот состав на Претставничкиот дом во Парламентарното собрание на БиХ, на која требаше да бидат избрани работните тела, повторно беше откажана поради тоа што одреден број политички партии не ги доставиле своите предлози за членови за формирање на парламентарните комисии, пишува „Кликс“.
Политичките партии собрани околу Сојузот на независни социјалдемократи (СНСД), партија предводена од Милорад Додик, отворено најавија блокада на работата на Претставничкиот дом додека не се изврши изборот на новиот состав на Советот на министри на БиХ. Меѓутоа, политичките несогласувања не ги спречија федералните пратеници итно да го решат својот работен статус во Парламентарното собрание и на овој начин си обезбедија да примаат високи плати од даноците, кои ги плаќаат граѓаните на БиХ. Колегиумот на Претставничкиот дом досега одржаа две работни седници на која се разгледуваа главно статусните прашања на новоизбраниот состав на парламентарците, за правото на разлика во платите, надомест на трошоците за сместување, надомест за одвоен живот и посета на членови на семејството, надомест за користење приватно возило во службени цели и слично.
Сите политички партии се сложни и навреме ја доставија сета потребна документација, која на нивните пратеници ќе им овозможи месечни плати повисоки од 5.000 конвертибилни марки (околу 2.500 евра).
Во исто време во Парламентарното собрание на БиХ не е конституирана ни Комисијата за подготовка за избор на Совет на министри на БиХ, а првата седница беше прекината откако СДА, ХДЗ и СНДС не успеаја да го обезбедат мнозинството за гласање на претседавачот и заменик-претседавачот на Комисијата за избор на Советот на министри на БиХ, односно извршната власт.