Според висината на кредитите по бројот на жители, најзадолжени се Словенците, со просек од 5.286 евра, потоа Хрватите со 4.208, Црногорците должат 2.239, граѓаните на Босна и Херцеговина со 1.536 евра, Македонците со 1.452, а најмалку се задолжени Србите, со просечен долг од 1.443 евра
Во периодот на пандемија граѓаните од државите што произлегоа од поранешна Југославија ги зголемија своите лични долгови во банките и другите финансиски организации. По основа на земените кредити во банките, најзадолжени се Хрватите, чиј вкупен долг изнесува 18 милијарди евра. На второ место се Словенците, со банкарски долгови од 11 милијарди евра. Вкупното задолжување на граѓаните во Србија изнесува 10 милијарди евра, во Босна и Херцеговина 5,03 милијарди, Македонците должат 3,01 милијарди, а најмалку долгови имаат жителите на Црна Гора, со околу 1,39 милијарда евра. Според висината на кредитите по бројот на жители, најзадолжени се Словенците, со просек од 5.286 евра, потоа Хрватите со 4.208, Црногорците должат 2.239, граѓаните на Босна и Херцеговина со 1.536 евра, Македонците со 1.452, а најмалку се задолжени Србите, со просечен долг од 1.443 евра, пишува порталот „Бизнис.рс“. Споредбата за задолженоста по земји е направена врз основа на податоците на централните банки во државите од Западен Балкан, со состојба од јануари 2021 година.
Поради економските последици од ковид-кризата многу граѓани од регионот останаа без редовни месечни приходи, а се намалија и девизните приливи од иселениците, што влијаеше и на пораст на задолженоста кај граѓаните. Сепак, најмало процентуално зголемување на личната задолженост има во Хрватска (1,8 отсто), а најголем раст на ненамирените банкарски кредити има во Србија, за 11,2 отсто. Високата задолженост на српското население се должи и на мораториумот за отплата на кредитите што го прогласи Владата на Србија на почетокот на пандемијата, во март лани.
Граѓаните во оваа земја беа ослободени од обврската за плаќање на ратите за кредитите, но во исто време банките ја продолжија поволната кредитна активност за населението и во услови на влошени економски текови во земјата, пренесува „Б92“.
Во прикажувањето на состојбата со кредитите за населението се влезени и поединечните претприемачи, кои со методологијата на Народната банка на Србија статистички се пресметуваат во рамките на секторот за население. Овој износ во јануари 2021 година изнесуваше 1,233 милијарди динари, што претставува 22,6 отсто од бруто-домашниот производ. По жител, ова задолжување изнесува 178 илјади динари, или 1.514 евра. Така, во текот на 2020 година кредитите за населението пораснале за 11,4 отсто. Но доколку се разгледува само задолженоста на физичките лица, таа изнесува во просек од 1.443 евра. Задолженоста на граѓаните учествува со 21,5 отсто од БДП.
Порастот на кредитните задолжувања на граѓаните во Србија е резултат и на ефектите од ублажување на монетарната политика на Централната банка, која ги намали референтните каматни стапки, а врз основа на тоа и на пониските каматни стапки за динарските кредити, потоа и поради ниските каматни стапки на европскиот пазар на пари. Ова придонесе и за намалување на кредитните индекси за станбените кредити, што влијаеше на одржувањето на прометот со недвижности на високо ниво во услови на пандемија. Од вкупниот пораст на кредитите за населението на ниво од 126 милиони динари во 2020 година, готовинските кредити учествуваат со 65 милијарди динари, а станбените кредити со 50 милијарди динари.
– На почетокот на пандемијата имаше помалку корисници на готовински кредити и поголем дел се однесуваше на станбените кредити. Поголемиот дел должници ги прифатија условите на владата за мораториум во отплата на тековните кредитни обврски – информираат од Народната банка на Србија.
Овие олеснувања, во еден или друг облик, беа применувани и од централните банки во другите земји од Балканот. Намерата беше да им се олесни на граѓаните што се соочуваат со помали месечни приходи, поради намалување на платите или губење на работните места, да имаат повеќе средства за живот.