Силно невреме погоди делови од Австрија, а потоа и Словенија, каде беа предизвикани значителни штети на повеќе локации.
Според словенечките медиуми, регистрирани се и локални поплави, а на некои места паднал град со големина на јаболко.
Поради невремето, возачите на автомобилите синоќа бараа заштита под надвозниците во некои области.
Според информациите, пожарникарите добиле голем број повици за помош.
Како што објави словенечкиот метеоролошки институт, невремето покрај обилниот дожд и повремен град, било придружено и со силен ветер.
Невремето ја погоди и Стирија, во Австрија, каде грмотевици беснееја цела ноќ, а градот направи голема штета. Забележани се околу 33.000 удари од гром, а 850 пожарникари биле на терен.
Околу 5.000 домаќинства останаа без електрична енергија, а како резултат на поројниот дожд се забележани поплави. Во невремето беа оштетени многу покриви.